Законот за адвокатски маркички денеска пред уставните судии
Среда 20 февруари 2013 – Уставниот суд на РМ денеска ќе ја оценува уставноста и законитоста на Законот за адвокатски маркички („Службен весник на Република Македонија“ бр.84/2012), во целина и посебно: член 1, член 2, член 3, член 4, член 6, член 7, член 9, член 10, член 11, член 12, член 13 и член 14, по поднесена иницијатива од страна на повеќе адвокати.
Откако минатата седница беше одложена, денеска Уставните судии по иницијатива на повеќе адвокати ќе ја оценуваат уставноста на Законот за адвокатски маркички (ЗАМ) чија примена стартуваше на 1 јануари годинава. ЗАМ веќе подолго време е најжешката тема во адвокатските кругови, истиот беше и иницијалната каписла за промена на стариот Управен одбор на Адвокатската комора на РМ. Адвокатите сложни дека Законот е противуставен и доколку се остави во оваа форма ќе им наштети не само на нив туку и ќе доведе до многу злоупотреби на правата на граѓаните
„Jас сум еден од изготвувачите на иницијативата што беше поднесена пред Уставниот суд на РМ, а се разбира и нејзин потписник. Значи, тоа што сум го мислел за Законот сум го кажал јавно и пред Уставниот суд — а тоа е дека најзначајните одредби не се во согласност со Уставот. Очекувам залагањето да биде успешно: како што сакам да го добијам спорот во постапките, сакам и пред Уставен суд да имаме резултат кој ќе помогне да ги надминеме недореченостите околу ЗАМ. Сам по себе, Уставниот суд нема да го реши прашањето за проблемите за начинот на плаќање итн. Сметам дека ние треба да заземеме цврст став, бидејќи ако сакате да се залагате за нешто, особено ако сте во ваква професија, каде се претпоставува дека ние добро го знаеме правото, апсурдно е да тргнеме во барање некакви права, без да имаме сопствен став“, вели во интервју за Академик новиот претседател на АКРМ Никола Додевски.
Според адвокат Мери Младеновска – Ѓорѓиевска треба да се има предвид адвокатската етика што на корисниците на адвокатска правна помош им гарантира дискреција и заштита на нивните права како и Законот за заштита на лични податоци кој гарантира заштита на личните податоци и на лицата.
„Гледано од овој аспект, сметам дека Законот за адвокатски маркички, не ги исполнува бараните критериуми и го нарушува доверливиот карактер на адвокатската работа — на штета на клиентите. Од овие причини, пред сè, поради заштита на правата на граѓаните кои имаат потреба од адвокатски услуги, сметам дека е неопходно Законот да се стави вон сила, а да се продолжи со активна соработка помеѓу адвокатската фела и државните институции заради изнаоѓање на соодветно решение што ќе овозможи исполнување и на обврските на адвокатите во однос на плаќање на даноците, но тоа да биде во склад со загарантираните права на граѓаните и положбата и улогата на адвокатурата во демократските општества“, објаснува адвокат Младеновска – Ѓорѓиевска.
За адвокатот Димитар Панчевски кој е член на Иницијативниот одбор што повика на бојкот на Законот, ЗАМ е директен упад врз независноста и самостојноста на адвокатурата.
„Суштината е во тоа што со овој закон се нарушуваат основните начела на адвокатурата, независност и самостојност. Каков независен и самостоен адвокат ќе бидам јас кога сите ќе знаат, од административен работник на приемното одделение во судот до последната истанца каде што ќе оди тој предмет, што работам, колку работам, колку пари земам, кој ме ангажира. Во праксата не секогаш те ангажира странката за нејзе, те ангажира друг за странката, тоа и законите го дозволуваат. Забрането е да се знае кој го ангажира адвокатот и зошто. Инаку сите адвокати се за закон кој ќе го регулира финансиското работење на адвокатите“, посочува во интервју за Академик адвокат Димитар Панчевски.
Уставниот суд на денешната седница ќе ја разгледува и иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на член 70 став 1 алинеја 3, во делот: „да биде суден во негово присуство“ од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.150/2010 и 100/2012), како и член 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/ 2011).
Автор: Елена Павловска