/ Прочитано:

1.111

Законот за адвокатура заглавен во собраниска процедура која трае предолго

2022 година е последната година во која се спроведува Стратегијата за реформа на правосудниот сектор. Додека дел од планираните мерки и активности се веќе спроведени, особено тие што предвидуваа измена на постојни или донесување нови закони, дел од процесите на изработка и донесување одредени законски решенија сè уште не се завршени, истакнуваат од Блупринт-групата за реформи во правосудството во последниот објавен извештај за спроведувањето на Стратегијата.

Како и изминатите години, нагласуваат од Блупринт-групата, се забележува отстапување од планираните рокови за спроведување на мерките кај сите закони кои се предмет на следењето.

„Со цел корекција на нереалните рокови предвидени во Акцискиот план кон Стратегијата, истиот веќе беше ревидиран. Причината за тоа е фактот дека реформите предвидени да се спроведат, се длабоки и бараат значително време и труд, многу повеќе од она што беше првично планирано. Ова е особено видливо кај одредени процеси кои се започнати пред подолг временски период и сѐ уште не се комплетирани бидејќи се заглавени во собраниска процедура која трае предолго (Закон за парничната постапка, Закон за адвокатурата, Закон за Академијата за судии и јавни обвинители)“, велат од Блупринт-групата.

Иако пропуштањето на роковите, нотираат од групата, не претставува пропуст што може да го доведе во прашање реформскиот процес, сепак упатува на потребата од внимателно и реалистично планирање на временската рамка на идните реформски потфати кои ќе бидат опфатени во следната Стратегија.

Имајќи предвид дека во најголем дел се работи за нацрт-закони чијашто финална содржина сѐ уште е неизвесна, давањето оценка за нивниот квалитет мора да биде со голема доза резерва. Во таа насока, Блупринт-групата за време на следењето се фокусира на два индикатори кои се однесуваат на квалитетот на понуденото законско решение, јасноста, прецизноста и одреденоста на членовите, како и на соодветноста на законското решение да ја оствари целта поради која се донесува.

 

Измените на Кривичниот законик се добар пример

„Добар пример за потребата од целосно нов текст на закон е Кривичниот законик, каде се прават сериозни измени во редоследот на одредбите и се додаваат нови кривични дела, поради што ова решение е подобро отколку да се пристапи кон измена на постојниот КЗ. Во објавениот предлог-закон може да се забележат измени во однос на кривичните дела против животната средина и воведување на повеќе нови кривични дела, меѓу кои и Екоцид. Дополнително направени се измени и воведени се нови кривични дела со цел усогласување со Конвенцијата на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, но сепак потребни се промени со цел целосно усогласување со Конвенцијата. Воведено е и ново кривично дело Безобзирно управување со моторно возило после многубројните реакции на јавноста, но и на стручната јавност во текот на изминатата година“, посочуваат од Блупринт-групата.

 

Дали е оправдано носењето нов закон со минорни интервенции во неговата содржина?

„Исто така, поради значајните измени, целосно нов текст на ЗПП и ЗПД беше составен, со цел олеснување на нивната примена и постигнување на номотехнички квалитет на законот. Сепак за овие два текста сè уште не може со сигурност да се тврди дека целите поради кои се врши измената се остварени, со оглед дека во однос на ЗПД на ЕНЕР, во известувањето за започнување на процесот се наведени 5 цели, наведена е само една директива за која е потребно усогласување и наведено е дека е потребно усогласување со ЗКП, кој притоа е во процес на измена и дополнување, а од друга страна, за ЗПП е неопходна негова примена за да може да се утврди дали целите ќе бидат остварени имајќи во предвид дека Акцискиот план нив ги поставува на мошне апстрактен начин („надминување на проблемите при неговата примена“). Додека кај овие закони е оправдана подготовката на нов текст, потребата од нов текст не се забележува кај Законот за адвокатурата и Законот за медијација, во кои не се направија обемни измени, а сепак се оди на нов законски текст, што повторно го наметнува прашањето дали носењето нов закон со минорни интервенции во неговата содржина е оправдано“, се наведува во извештајот на Блупринт-групата.

Вториот индикатор – соодветноста на законското решение да ги оствари зацртаните цели поради кои се донесува – е покомплексен да се процени поради непрецизно одредените цели на начин на кој се предвидени во Стратегијата. На пример, образложуваат од Блупринт-групата, кај Законот за парничната постапка појдовен мотив поради кој се пристапи кон донесување на сосема нов ЗПП беше да се подобрат одредбите кои „предизвикаа значителни проблеми и потешкотии во практиката“ без да се прецизираат конкретни области.

 

Делумно решение за континуирана обука за адвокатите

„Кај Законот за адвокатурата, пак, Стратегијата предвидува ‘воведување континуирана обука за адвокатите, организирана од страна на Адвокатската комора, со законски утврден фонд часови на годишно ниво’, а усвоениот нацрт-закон само делумно ја остварува оваа цел, од причина што не предвидува законски минимален фонд часови кои адвокатите треба да ги поминат на обука. Од друга страна, може да се заклучи дека новиот Закон за медијација ги остварува целите поради кои се донесува бидејќи со него се ревидира испитот за медијатори, се предвидува можноста за поведување на постапката за медијација и по електронски пат, се воведува задолжително внесување на сите примени барања за медијација во Електронскиот регистар и се воведува Национален совет за медијација“, се посочува во извештајот.