/ Прочитано:

2.725

ЗАКОНОТ ЗА ДОМУВАЊЕ НИЗ ПРАКСА: Инспекцискиот надзор – лавиринт на правни недоречености и примена

Искуствата говорат дека при примената на Законот за домување се појавија потешкотии во праксата. Таквите потешкотии и недоречености се забележани во делот на постапките за склучување и раскинување на договорите за вршење на управувачки услуги, инспекцискиот надзор и неусогласеноста на постапката за откуп на становите во општествена сопственост. Од тие причини Министерството за транспорт и врски до Собранието на Република Македонија предложи измена и дополнување на Законот за домување. Целта на ваквата измена е да се усогласи постапката со фактичката состојба.

Како да се поедностават постапките и како да се направи пофункционален системот на управување со станбените објекти се мини реформи кои се потенцирани како суштински промени во интегрирање на новите законски одредби. Со образложената потреба за вакви законски измени се антиципира и дека овие системски недоследности и недоречености веќе создавале огромни проблеми при примената на законот.

Новините во врска со корисниците на општествени станови се позитивни, но во законот и процесот клучни „играчи“ се инспeкторите за домување

Предложените законски измени и дополнувања го дорегулираат прашањето за корисниците на општествените станови. Предлагачот во образложението наведува дека со предлагаат одредби со кои ќе се овозможи регулирање на станбеното прашање на оние лица кои што поседуваат еден од потребните докази и од кој што ќе може да се утврди дека се корисници на општествениот стан. Во таа смисла, во предложениот Член 14 се регулира дека постапката за продажба на становите од член 145 стан, ја спроведува правното лице од постоечкиот закон по барање поднесено од страна на лицата на кои им е доделен станот со актот за доделување и/или имаат склучено договор за закуп.

За тоа колку ова и другите прашања создавaат проблеми при исполнувањето на законските цели, најдобар одговор дава практиката.

„Што се однесува до општествените станови, секој оној кој живее во зграда би потврдил дека тие се оние „проблематичните“, односно тешко се доаѓа до доказ за тоа кој е корисник , каков статус има таа станбена единица и сл. и како резулатат на тоа непостоеше начин да се наплатат побарувањата за одржување на објектот, со овие измени се надевам дека на некој начин ќе го надминеме проблемот“, смета Емилија Ристовска правник во „Станбен Управител“, фирма која ја врши дејноста на лиценциран управител.

Според неа, слабостите во функционирањето на закон од ваков тип најдобро може да се согледаат низ неговата апликативност во праксата. Некои работи не може теоретски да се постават, а за ваков новитет во правниот систем априорна е имплентацијата на законот, па низ неа може вистински да се исперцепира како функционираат нештата.

 „Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за домување ги инфилтрирал оние недостатоци кои ние како управители ги нотиравме уште при самото негово донесување. Законот, гледано и компаративно е сосема во ред, но праксата и сликата од терен е нешто сосема друго. Имено, за законот да ја добие својата комплетна слика на терен, недостасуваaт едни од клучните „играчи“ – инспекторите за домување. Тие мора да се постојано достапни и за Управителите и за сопствениците на посебни делови, без нивната улога законот ја губи својата смисла. Исто така, праксата од изминативе три години управување со станбени, станбено-деловни објекти укажува дека сопствениците на посебни делови се повеќе се одлучуваат квалитетот на своето на живеење да го доверат на лиценциран Управител, отколку на некој од своите соседи, бидејќи на тој начин се нарушуваат меѓусоседските односи”, заклучува Ристовска која додава и едно мошне суштинско прашање, а тоа е дека потребно е законското решение да претрпи измени во необлигаторноста за плаќање на надомест на лицата со хендикеп, за кои тие на своја добра волја не бараат паричен надомест од овие лица.

Вршењето на инпекцискиот надзор – слабост во примената на Законот

Практично, слабото функционирање на инспекцискиот надзор врз процесот на нормираното домување го доведува под знак прашање доследното применување на Законот. Искуствата на праксата кои го посочуваат тоа се потврдуваат и во рамки на институциите. Иако, општините се примарно надлежни за формирање структура на испекциски надзор преку општински инспектори за домување – тие се пасивни по ова прашање, велат упатените. Тоа се должи на бројни објективни и субјективни околности, отсуство на волја и посериозен ангажман околу спроведувањето на своите надлежности. Во таква ситуација на отсуство на инспектори за домување – надлежноста ја преземаат комуналните инспектори. Се поставува прашањето: дали ваквата интеринституционална поставеност може да се смета за решение.

Комуналниот инспектор Стевче Ѓурчевски од Државниот комунален инспекторат потврдува дека примената на законот во овој дел наидува на потешкотии.

„Законот е недоречен. Работата тешко оди поради фактичката состојба во општините и лошата координација. Повеќето од нив немаат инспектори иако се надлежни за тоа, па ние сме замена за нив. На ниво на Република Македонија тешко е таа работа да ја извршуваат шест инспектори колку што сме, а сепак тоа се прашања од општински карактер. Исто така, се забележува и граѓанска несовесност и непрофесионалност кај управители. Во такви услови, не се оди редовно на терен, а се работи баш за таков делокруг на работа, нема многу теоретизирање за тоа. Дали некому му работи лифтот, каква е состојбата со влезот во некоја зграда во друг град  – се прашања во кои треба да бидат вклучени локални инспектори. Под такви околности работата не може да биде розова“, вели Ѓурчевски.

 Останува впечатокот дека за доследно функционирање на овој закон потребно е да се создадат солидни услови за неговата поставеност на „теренот“. Процесите поврзани со закон кој еманира повеќе урбано-културни и социолошко-правни компоненти, како и емпириското сведоштво на директините чинители во тие процеси наведуваат дека е потребен модел на силна институционална координација за доследно применување на законот: повеќе искуства од пракса – помалку теорија, затоа што теоријата за ваков општествен новитет е дефицитарна.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено 30.10.2013