/ Прочитано:

1.732

Законот за финансиска консолидација на Еурокомпозит пред пратениците

Владата во Собранието поднесе Предлог-закон  за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштво за производство на производи со посебна  намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп.

Предложениот закон има цел остварување на финансиска консолидација на ДПППТ 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп со претворање на побарувањата во влог во друштвото на денот на влегување во сила на овој закон.

„Основно решение што се предлага со Законот е претворање на побарувањата на Република Северна Македонија кои произлегуваат по основ на јавни давачки – придонеси за задолжително социјално осигурување до денот на влегување во сила на овој закон.

Предлог-законот за претворање на побарувањето на Република Северна Македонија по основ на јавни давачки во траен влог во Друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп се заснова на следните начела: обезбедување на непречено вршење на дејноста,обезбедување на финансиска стабилност на Друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп и обезбедување средства за придонеси по основ на задолжително социјално осигурување на вработените лица во Друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп“, се вели во законското образложение.

За спроведување на Законот ќе бидат потребни дополнителни финансиски средства во износ од околу 70,541 милиони денари, чија висина ќе биде точно утврдена во фазата на имплементација на законот бидејќи се предлага претворање на овие побарувања во влог на денот на влегување во сила на законот.

Друштвото за производство на производи со посебна намена 11 Октомври – Еурокомпозит АД Прилеп е основано на 21 март 1991 година и претставува акционерско друштво со 100% акционерски капитал во сопственост на Владата. Основната дејност на друштвото е заведена под 25.62 – Општи машински работи, а покрај основната дејност, друштвото е регистрирано и за други дејности, производство на пластични маси во примарни облици, производство на листови, цевки, профили од пластични маси, производство на сечила, алати, трговија на големо и други дејности.

„Од Извештајот на независниот ревизор Грант Тортон ДОО Скопје, за финансиска состојба на друштвото на ден 31.12.2018 година, е видно дека салдото на доспеаните, неподмирени обврски на Друштвото кон вработените по основ на плати, надоместоци од плати, персонален данок и придонеси како и обврските по основ на технолошки вишок на вработени со состојба на 31.12.2018 година изнесуваат 179.157.000,00 денари. Наведениот износ не вклучува трошоци и обврски по камати, казни и пенали кои би можеле да произлезат поради ненавремено подмирување на истите.

Неподмирените обврски на Друштвото на име извршни судски решенија и обврски кон нотари, адвокати итн., на 31.12.2018 година изнесуваат 17.749.000,00 денари, додека неподмирените обврски по основ на даноци и други државни давачки изнесува 17.086.000,00 денари.

Друштвото искажува и загуба од работењето за годината што завршува на 31.12.2018 година во износ од 44.390.000,00 денари и има акумулирани загуби во износ од 1.325.929.000,00 денари, со што се надминува износот на основната главнина и резервите за 83.226.000,00 денари. Исто така, под хипотека како обезбедување на побарување од домашна банка е ставен и недвижниот имот на Друштвото, а заради намалениот обем на работа друштвото прогласи и технолошки вишок на 154 вработени лица“, се образложува во Законот.

М.В