/ Прочитано:

1.458

Законот за финансиска поддршка на инвестициите е правна рамка поволна за економијата, сметаат од Стопанската комора

Една од клучните мерки за креирање на поповолен бизнис амбиент, која беше предложена и наведена во изданието на Стопанската комора на Македонија „Време е за промена на досегашниот модел на економски развој“, е системското поттикнување на инвестициите како поддршка на успешните производствени и извозни компании, преточени во закон со јасно утврдени критериуми, нагласи Анета Трајковска, в.д. оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, на денешната прес-конференција посветена на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

„Основата на овие мерки во поголем дел се совпаѓа со Законот за финансиска поддршка на инвестициите од 8 мај оваа година, со што предложените мерки од пред една деценија ја видоа светлината на денот, а со тоа една голема мисија успеа“, потенцираше Трајковска.

Во изминативе речиси три децении, сведоци сме на негативен тренд на деиндустријализација (релативното учество на индустријата во БДП се намали од 32% во 1992 година на 15% во 2016 година). Бројот на производи со компаративни предности кои се извезуваат забележува значително намалување од 675 производи во 2006 година, на 461 производ во 2016 година.

Законот за финансиска поддршка на инвестициите обезбедува правна рамка за поттикнување на економскиот раст и развој преку поддршка за зголемување на конкурентноста, продуктивноста и иновативноста на економијата, која најбргу може да се реализира токму преку големите и успешни компании“, образложи Трајковска.

Се усвоија економски политики, т.е. мерки што приоритетно ќе го поттикнат развојот на оние групи компании што овозможуваат позабрзан раст, а тоа се успешни големи производствени компании. Овие компании, додаде Трајковска, можат да доведат до извозна диверзификација (зголемување на бројот на индустриски производи што Македонија ги извезува, а имаат компаративни предности), како и пренасочување на производството и извозот од производи со помал степен на доработка и помала додадена вредност, во производи со поголема софистицираност и продуктивност.

„Само приватниот сектор преку успешните, односно профитабилни, големи домашни и странски компании може да биде двигател на економскиот раст за краток период, бидејќи тие создаваат поголема додадена вредност. Овие успешни компании можат да дадат значаен придонес за зголемување на извозот и да апсорбираат значајна работна сила, со што ќе се придонесе и за намалување на невработеноста. Стопанската комора на Македонија ја поздравува одлуката на Владата на РМ за донесување на Законот на финансиска поддршка на инвестициите, со што го потврди јавно-приватното партнерство од моментот на подготовка на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, постојната консултација со бизнис заедницата, преку неговото донесување и секако,  отпочнувањето на неговата реализација, со објавувањето на првите компании корисници на финансиски средства. Исто така, се поздравува и решеноста на Владата на РМ да истрае во процесот на имплементација на овој закон и првите 100 потпишани договори да бидат почеток на овој процес за кој Стопанската комора на Македонија очекува успешно да се спроведува и во иднина, за што веќе има поднесено и иницијатива“, истакна Трајковска.

Стопанската комора на Македонија, посочи Анета Трајковска, в.д. оперативен директор на Стопанската комора на Македонија,  во следниот период ќе спроведе директни посети на компаниите корисници на државна помош согласно со овој закон, при што ќе укаже на потребата реалниот сектор доследно да ги почитува договорните законски обврски и нивна доследна реализација, но во исто време ќе ја промовира потребата од дополнителни вложувања од приватниот сектор, во насока сите заеднички, како релевантни фактори во државата, да се обидат значително да го намалат заостанувањето кое економијата на Република Македонија го има во однос на Европската Унија и постигнување значителен економски раст.

М.В