/ Прочитано:

891

Законот за финансиска поддршка на инвестициите презентиран пред компаниите

Компаниите можат да поднесуваат барања за користење финансиска поддршка, во согласност со Законот и да ги искористат можностите за зголемување на нивната конкурентност, а со тоа и на севкупниот економски раст во земјата, беше истакнато на денешната прес-конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). Стопанствениците од Сојузот имаа можност од прва рака детално да се запознаат со измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, со кои, на барање на деловната заедница, се зголемува опфатот на бројот на сектори, се поедноставуваат критериумите особено за одредени индустрии како текстилната, кожарската, и се поедноставува постапката за аплицирање.

Претседателката на Сојузот, Данела Арсовска, истакна дека зајакнувањето на јавно-приватниот дијалог и преточувањето на потребите на компаниите во квалитетни законски решенија кои ќе бидат имплементирани води кон подобрување на деловниот амбиент.

„Имплементацијата на голем дел од барањата на деловната заедница во измените на Законот е од суштинска важност за искористување на средствата за финансиска поддршка на што поголем број компании. Зголемувањето на нивната конкурентност и инвестициската активност е од витално значење за економски развој, што е и една од целите на Законот. Реалноста е дека производите на малите и средните компании, кои се најбројни во македонското стопанство,  тешко се пласираат и се пробиваат на странските пазари. Токму затоа, преку јакнење на дијалогот и имплементирање на предлог-мерките може да очекуваме развој на приватниот сектор како носител на економскиот раст“, истакна Арсовска и додаде дека резултатите од имплементацијата на законското решение треба да бидат позитивни, но посочи дека она што е од голема важност за раст на инвестициите  е  предвидлив деловен амбиент и демонстрирање на јасна волја за владеење на правото.

Претставувајќи ги измените на Законот за финансиска поддршка на инвестициите пред Сојузот, министерката за странски инвестиции Зорица Апостолска истакна дека Владата води отворен дијалог со деловната заедница во моделирањето на економските политики, со крајна цел обезбедување на повисок и поквалитетен животен стандард на граѓаните.

„Со измените на Законот го унапредуваме системот на поддршка на стопанството преку зголемување на опфатот на компаниите кои може да аплицираат за финансиска поддршка на инвестиции и преку поедноставување на административните процедури за аплицирање на овие мерки. Намерата е да  го ослободиме потенцијалот за сериозен раст кој е акумулиран во ИТ-секторот, секундарното земјоделско производство, како и кај компаниите кои се занимаваат со трговија, а имаат отпочнато продуктивна инвестиција во 2018 година. Се опфаќаат и градежните компании кои имаат производствена компонента во своето работење, односно ќе бидат поддржани за набавка на машини и опрема. Дополнителна мотивација кај компаниите правиме и со олабавувањето на условите за аплицирање“, рече министерката Апостолска.

Повикувајќи ги компаниите од Сојузот да аплицираат за финансиска поддршка, во согласност со Законот и неговите измени, министерката Апостолска истакна дека Владата им дава правна сигурност на компаниите за нивните вложувања и им овозможува финансиска поддршка преку транспарентни и отворени постапки.

Измени на Законот за финансиска поддршка на инвестициите

Брзите промени на законите резултираат со несигурност во инвестициите

Неданочните и парафискалните трошоци – проблем за компаниите

Процедурата за финансиска поддршка на компаниите кои реализирале нови инвестиции и вработиле нови луѓе

Институционално регулирање на финансирањето преку моделот „бизнис-ангели“

Законот за финансиска поддршка на инвестициите е правна рамка поволна за економијата, сметаат од Стопанската комора

Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестиции во собраниска процедура

Компаниите да ги искористат можностите што ги нуди новиот Закон за финансиска поддршка на инвестициите

Министерството за економија го објави Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите кој е во фаза на подготовка

Презентација на Нацрт-законот за поддршка на инвестициите 

M.В