/ Прочитано:

2.113

Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство во собраниска процедура

Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство е во собраниска процедура со европско знаменце.

Со овој закон се уредуваат правото на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство,  условите за остварување на правото на паричен надоместок, видовите на паричен надоместок, основањето, статусот, составот и надлежностите на Комисијата за надоместок на жртви од кривично дело со насилство, изборот, мандатот, престанокот на мандатот, како и разрешувањето на претседателот и на членовите на Комисијата, средствата за исплата на паричниот надоместок на жртвите, информирањето и поучувањето на жртвите, постапката за остварување на правото на паричен надоместок, правото на регрес, постапката во прекугранични предмети, како и евиденцијата и чување на податоците за остварување на правата од овој закон.

„Во Стратегијата за реформа на правосудниот систем за периодот 2017-2022 година, во одделот реформи во посебни области кои се однесуваат на казнено правната област определена е стратешката насока 5.1.3 – Компензација на жртвите од кривични дела што ќе се овозможи преку стратешката мерка изготвување на закон и спроведување на активности за негово донесување и примена. Исто така, во Националната стратегија на РСМ за броба против тероризам заедно со акцискиот план предвидена е компензација на жртвите од овие кривични дела.

Имено, заради активно учество и имплементирање на меѓународните стандарди и инструменти за современ кривично-правен систем, пристапивме кон воспоставување на стандарди за жртвите од кривични дела со насилство. Правото на надоместок од државата е дефинирано и лимитирано. Меѓународните стандарди и стандардите на Европската унија го ограничуваат правото на надоместок од државата само за кривичните дела кои предизвикуваат сериозни тешки повреди и кривични дела со насилство.

Основот за донесување на Законот за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство произлегува од член 53 став 3 точката 2 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 150/10 и 100/12), каде што е пропишано дека во согласност со посебните прописи жртвата на кривично дело за кое е пропишана казна затвор од најмалку 4 години, меѓу другото, има право на надоместок на материјална и нематеријална штета од државен фонд под услови и на начин пропишан со посебен закон, доколку надоместокот на штета не може да се обезбеди од осудениот.

При изготвувањето на овој закон посебно беа земени предвид меѓународните стандарди во оваа област и тоа:

– Директивата на Советот 2004/80/ЕЗ од 2004 за надоместок на жртвите на кривично дело,

– Директивата 2012/29/ЕУ на Европскиот парламент и Советот од 2012 година за воспоставување на минимални стандарди за правата, поддршката и заштитата на жртвите од кривични дела,

– Директивата 2011/36/ ЕУ на Европскиот парламент и Советот од 2011 година за превенција, борба против трговија со луѓе и заштита на жртвите и

– Препораката РЕЦ (2006) 8 на Комитетот на министри на Советот на Европа до државите членки за помош на жртвите од криминал.

Појдовна точка при изготвувањето на законот беа и компаративните искуства од повеќе држави, а посебен акцент беше ставен на државите од регионот од причина што со нив имаме слични правни системи и во оваа област тие се чекор понапред со оглед дека нивните закони ги изготвуваа во рамките на процесот за пристапување кон Европската унија.

Посебно внимание при изготвувањето на законот беше посветено на неколкуте анализи за постојната состојба за оваа област во Република Македонија, и тоа:

  • Анализа на правото на компензација и усвоените политики за компензација за жртвите од трговија со луѓе во Македонија, издадена во 2014 година од Здружението за акција против насилство и трговија со луѓе – Отворена порта – Ла Страда/ Македонија,
  • Анализа за обесштетувањето на жртвите на насилнички криминал во Република Македонија, издадена во 2016 година од Отворена порта – Ла Страда/ Македонија и
  • Анализа за обесштетувањето на жртвите на трговија со луѓе во Република Македонија.

На изготвување на законот работеше меѓуресорска работна група со претставници од повеќе институции: Министерство за правда, Министерство за внатрешни работи, Министерство за задравство, Министерство за труд и социјална политика, невладини организации дел од граѓанскиот сектор, Ла страда, Здружение на млади правници, Блупринт група, Европската унија, ОБСЕ, Совет на Европа, меѓународен експерт ангажиран од Совет на Европа, Амбасадата на САД, како и професори од Правниот факултет во Скопје“, се вели во законското образложение.

Предлог-закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела

Се подготвува Закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела

М.В