/ Прочитано:

982

Законот за лустрација пред уставните судии

Среда 13 март 2013 – Уставниот суд на денешната седница ќе расправа за Законот за лустрација. Претседателот на Уставниот суд Бранко Наумовски минатата недела на прес-конференција соопшти дека веднаш штом го добил предметот го ставил на дневен ред на седница.

фото: akademik.mk

Надлежнaта судијка Наташа Габер-Дамјановска на прес-конференцијата рече дека поради здравствени и лични причини доцни доставувањето на предметот до претседателот на судот иако тоа требало да се случи пред најмалку некој месец.

Македонскиот Хелсиншки комитет за човекови права и пензионираниот адвокат Стамен Филипов во септември минатата година поднесоа иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста на 13 одредби од Закон за лустрација, донесен во јуни минатата 2012 година.

Иницијативата се однесува на временскиот период опфатен со Законот и одредбите кои дозволуваат објавување на имињата на поранешни соработници без судски налог, само со одлука на Комисијата за лустрација.

Ова е третпат, од 2008 година кога првпат беше донесен Законот за лустрација, тој да се најде пред Уставниот суд.

Новиот Закон за лустрација беше донесен откако Уставниот суд укина 12 одредби од стариот закон.