/ Прочитано:

766

Законот за патните исправи се усогласува со Законот за употреба на јазиците

Измените на Законот за патните исправи се на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Предлагач на измените е Владата.

„Со предложените измени на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија се врши усогласување на конкретни одредби од законот со Законот за употреба на јазиците, како и усогласување со Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија.

Имено, со донесувањето на Законот за употреба на јазиците, меѓу другите обврски кои произлегуваат од него, се наметна и потребата од усогласување на обрасците за личните документи на граѓаните што ги издава Министерството за внатрешни работи.

Конкретно, за патните исправи како личен документ на граѓаните произлезе обврската за усогласување во делот на начинот на печатење на обрасците за патните исправи и начинот на запишување на податоците во нив, со цел сеопфатно усогласување на постојното законско решение со законското решение предвидено во Законот за употреба на јазиците, како во делот на законската имплементација на јазиците на сите етнички заедници во државата, така и во терминолошкото дефинирање на различните категории на граѓани од етничките заедници, на начин кој е уреден во Законот за употреба на јазиците.

Воедно, извршено е правно-техничко подобрување на текстот на одредбата од законот со која се уредува издавањето на прекршочниот платен налог во прекршочната постапка, односно извршено е ревидирање на конкретниот член со кој се уредува постапката за издавање на прекршочниот налог, во насока на негово допрецизирање.

Покрај наведеното, предвидено е и усогласување на законот со Амандманот XXXIII од Уставот на Република Северна Македонија, од аспект на рокот на замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ‘Република Македонија’ со патни исправи со новото уставно име на државата, запазувајќи го рокот наведен во членот 3 од Уставниот закон за спроведување на Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, односно пет (5) години од стапувањето во сила на уставните измени“, се вели во законското образложение.

Пасошите со натписот ,,Република Македонија“ ќе важат до истекот на рокот на нивното важење, а најдоцна до 12 февруари 2024 година

М.В