Законот за помилување не треба да се менува – смета министерот за правда, Аднан Јашари
Вчера Уставниот суд информираше дека уставните судии го усвоиле текстот на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.
Ставот на Министерот за правда, Аднан Јашари, во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, за кој Уставниот суд пред две недели поведе постапка за оценување на уставноста, е дека тој е добар и не треба да претрпи никакви измени.
„Мојот став е ист. Јас уште во 2009 година како пратеник во Собранието на република Македонија ги поддржав измените и гласав за Законот кој сега се применува и сѐ уште сметам дека Законот за помилување не е во спротивност со Уставот на Република Македонија и сметам дека нема потреба од евентуални измени или дополнувања“, вели Јашари во изјава за телевизијата „24 Вести“.
Ова е првпат, во изминативе две недели откако е актуелна постапката за оценување на уставноста на Законот за помилување, првиот човек на Правда јавно да го искаже својот став за поддршка на Законот донесен во 2009 година.
Вчера Уставниот суд информираше дека уставните судии го усвоиле текстот на Решението за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.
Уставниот суд треба да го достави Решението до органот што го донел прописот, во овој случај тоа е Собранието, и да му определи рок во кој органот треба да достави одговор, односно мислење за поведување на постапката за оценување на уставноста на Законот.
„Доносителот на прописот не мора да даде одговор, но сепак таа можност постои во Деловникот и ние мора да ја испочитуваме процедурата во целост“, велат од Уставен.
Откако Уставниот суд ќе го добие мислењето од Собранието, судијата известител, во случајов судијата Никола Ивановски, треба да донесе предлог за одлучување во втора фаза кој ќе биде ставен на дневен ред за конечно одлучување.
Измените на Законот за помилување кои се оспорени опфаќаат:
„Помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик, кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, кривични дела против здравјето на луѓето, кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, овозможување на употреба на наркотични дроги од и за кривични дела против човечноста и меѓународното право. Претседателот на Република Македонија не може да даде помилување на лице државјанин на Република Македонија кое издржува казна во Република Македонија, а е осудено со пресуда на меѓународен кривичен суд“, стои во измените од 2009 година.
Покрај тоа, со измените се утврдени постапката за барање за помилување и ингеренциите на Комисијата за помилување при одлучување по барањата.
М.С.