/ Прочитано:

1.395

Законот за работни односи додаде уште една измена во „биографијата“

Понеделник, 2 декември 2013 – Собранието на РМ ги усвои измените на Законот за работни односи со кои се предвидува продолжување на рокот на застареност во кој работодавачот може да му даде отказ на работникот.

Со изгласаниот закон, се предвидува работодавачот да може да му даде отказ на работникот и по 18 месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за отказ, како и 36 месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за отказ. Тоа значи зголемување на роковите за застареност од од 3 на 18 месеци и од 6 на 36 месеци.

Од Министерството за труд и социјална политика посочуваат дека практиката покажала оти наведените рокови за застареност се кратки и дека постои потребата од зголемување на роковите.

За опозицијата, пак, предложеното законско решение е ново кратење на работничките права и со него му се дава можност на работодавачот да го отпушти работникот една година по направениот прекршок.

Претходно и експертската јавност апелираше дека е можно законот да предизвика контроверзи.

„Ова прашање може да се погледне од две страни, што впрочем е карактеристика на работните односи. Гледајќи ја пошироката слика несомнено е дека интенција на законодавецот со овој предлог закон е полесно да се даде отказ на работникот. Меѓутоа овде веднаш се наметнува сложената дилема, а тоа е дали е ова најадекватниот начин за да се флексибилизира отказот како трудовоправен институт. Од дуга страна ако се анализира ова прашање од аспект на стопанството може да се детектираат и подруги контексти. Лично сметаме дека прашањето за отказ во стопанството можеме да го гледаме како „танго“. Впрочем, за танго се потребни двајца. Ако работодавачот не сака повеќе да вработува некој работник, треба да му се даде можност тој да гозамени со друг, што е слично на американскиот модел, на пример. Но, потенцираме дека ова се однесува само на сегментот на стопанскиот сектор“, смета проф д-р Лазар Јовевски од катедрата по трудово и социјално право при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Димитар Апасиев, активист за работнички права и член на Движењето за социјална правда ЛЕНКА, е на мнение дека со предлог законот се отвораат можности за злоупотреба на предложеното решение од страна на работодавачите.

„Според Предлог-законот за измена на ЗРО роковите за застареност се зголемуваат за дури шест пати (од три на 18 месеци и од шест на 36 месеци)!? Ваквото драстично и непропорционално зголемување на роковите во практиката ќе биде во голема мера злоупотребувано од работодавачите, на кои ќе им се отворат дополнителни можности да „ископаат“ во минатото на работникот и да пронајдат причина за отказ на секој оној работник кој ќе се побуни за своите права“, потенцира тој.

Уште од своето донесување во 2005 година, Законот за работни односи предизвикува реакции, интерес  и толкувања во јавноста. Со оглед на чувствителноста и актуелноста на материјата којa ја регулира, интересот за овој закон е очекувана, но, останува впечатокот дека од самиот старт на неговото стапување во сила му се надоврза епитетот на – контроверзен закон.