/ Прочитано:

2.158

ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ – фабрика на дилеми што не застаруваат

Уште од своето донесување во 2005 година, Законот за работни односи предизвикува реакции, интерес  и толкувања во јавноста. Со оглед на чувствителноста и актуелноста на материјата којa ја регулира, интересот за овој закон е очекувана, но, останува впечатокот дека од самиот старт на неговото стапување во сила му се надоврза епитетот на – контроверзен закон.

„Очекувавме дека овој закон ќе предизвикува контроверзии. Тоа е така бидејќи не ја отслика реалната состојба на трудовата област, а научната јавност уште тогаш апелираше дека времето ќе ги потврди сомнежите дека постоечките законски решенија не соодејствуваат со реалноста. Од неговата номотехничка подготовка, преку суштинските одредби и самата примена. А тоа, очигледно, времето го потврди, дилемите и проблемите се актуелни и денес“, смета проф. д-р Лазар Јовевски, експертот по трудово и социјално право од Катедрата по трудово и социјално право при Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Нови рокови за застареност при отказ

Овие денови во собраниска процедура влегоа најновите измени и дополнувања на Законот за работни односи. Клучното прашање кое го регулира новиот предлог закон е застареноста на роковите при отказ на договорите за вработување.

Се предлага работодавачот да може да му даде отказ на работникот и по 18 месеци од денот на дознавањето за фактите кои се основа за отказ, како и 36 месеци од денот на настапувањето на фактите кои се основа за отказ. Според актуелното законско решение првиот рок е три месеци, а вториот рок шест месеци.

Според предлагачот на законот, праксата покажала дека наведените рокови за застареност се кратки, поради што смета дека тие треба да се изменат.

Решение или можност за злоупотреби?

„Ова прашање може да се погледне од две страни, што впрочем е карактеристика на работните односи. Гледајќи ја пошироката слика несомнено е дека интенција на законодавецот со овој предлог закон е полесно да се даде отказ на работникот. Меѓутоа овде веднаш се наметнува сложената дилема, а тоа е дали е ова најадекватниот начин за да се флексибилизира отказот како трудовоправен институт. Од дуга страна ако се анализира ова прашање од аспект на стопанството може да се детектираат и подруги контексти. Лично сметаме дека прашањето за отказ во стопанството можеме да го гледаме како „танго“. Впрочем, за танго се потребни двајца. Ако работодавачот не сака повеќе да вработува некој работник, треба да му се даде можност тој да гозамени со друг, што е слично на американскиот модел, на пример. Но, потенцираме дека ова се однесува само на сегментот на стопанскиот сектор“, смета Јовевски.

Колку овие измени се погодни за злоупотреби од страна на работодавачите е дилема која природно се наметнува како прашање. Според Јовевски тоа не е исклучено.

„Гледајќи ги пак овие измени низ призма на работниците со право се поставува прашањето дали можеби роковите, субјективниот од 18 месеци, а особено објективниот од 3 години се предолги за да ја отворат можноста за евентуални злоупотреби од страна на работодавачите. Кога работодавачот знае за постоењето на одредени прекршоци на работниот ред и дисциплина може со тоа сознание „да го држи во рака“ работникот. Исто така, ова особено може да се појави во меѓуколегијалните односи на вработените кога работодавачот не знае за постоењето на одреден прекршок, па се појавуваат разни уцени дека тоа ќе му биде презентирано нему од другиот вработен. Значи, рефексијата од овие ситуации е покомплексна и треба да се анализира внимателно. Во таа насока, ваквото решение треба да се обмисли добро!”, додава тој.

Димитар Апасиев, активист за работнички права и член на Движењето за социјална правда ЛЕНКА, е на мнение дека со предлог законот се отвораат можности за злоупотреба на предложеното решение од страна на работодавачите.

„Според Предлог-законот за измена на ЗРО роковите за застареност се зголемуваат за дури шест пати (од три на 18 месеци и од шест на 36 месеци)!? Ваквото драстично и непропорционално зголемување на роковите во практиката ќе биде во голема мера злоупотребувано од работодавачите, на кои ќе им се отворат дополнителни можности да „ископаат“ во минатото на работникот и да пронајдат причина за отказ на секој оној работник кој ќе се побуни за своите права“, потенцира Апасиев.

Сојуз на синдикати на Македонија: предложениот рок за застареност е предолг

Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека по нивно барање е одржана седница на Економско – социјалниот совет во врска со најновите законски измени на Законот за работни односи.

„По однос на измените на Законот за работни односи околу застареноста ставот на синдикатите беше дека истиот е предолг и дека не е направено разграничување по однос на застареноста на отказот од лични причини и причини по однос на вина и на тој план треба да се направат корекции по амандмански план“, е ставот на ССМ утврден во заклучоците на Економско-социјалниот совет.


Автор: Милчо Велјаноски

Објавено: 06.11.2013