Законот за работните односи се хармонизира со европското законодавство
Во подготовка се измените на Законот за работните односи. Од Владата велат дека со новиот закон се предлагаат решенија за многу прашања кои досега не беа опфатени и кои не беа во согласност со правата на работниците во ЕУ.
„Очекувам да се изнајдат решенија за сезонската работа, за работата од дома и за домашната работа, за тие што се на определено време, за работата од далечина, за еднаквиот третман на мажите и жените и потребата од напуштањето на позитивната дискриминација за жените, како и за комплетна регулација за ноќната работа, и за договорите за вработување на младите лица“, смета претседателот на Владата.
Според министерката Царовска, новиот Закон за работните односи, којшто е во фаза на подготовка, е усогласен со меѓународните стандарди и ги унапредува работничките права и социјалниот дијалог.
„Одредени верзии на Законот се дискутирани од страна на сите социјални партнери. Во подготовка на законското решение ја вклучуваме и академската јавност којашто се занимава со трудовото право. Очекувам во наредниот период дијалогот да продолжи и да донесеме закон којшто ќе биде во интерес на сите”, посочува Царовска.
„Хармонизацијата на нашата легислатива со европското законодавство за работни односи ветува дека ќе бидат имплементирани нашите барања, како што се: договорите за вработување со договор на определено време само во исклучителни ситуации и не подолго од една година, продолжено породилно отсуство до 12 месеци, 38 часовна работна недела, усогласување на платите според колективниот договор и усогласување на прашањата за годишни одмори и другите права“, истакнува претседателот на ССМ, Дарко Димовски.
Експертите, исто така, се согласни дека се потребни измени на Законот за работните односи, кој уште и се нарекува мал устав за работничките права.
Професорот Тодор Каламатиев нагласува дека е неопходна детална и темелна ревизија на регулативата од областа на трудовото право во земјата. Во таа насока, потребено е донесување на Закон за работните односи со кој ќе се пополнат правните празнини и контрадикторности.
Законот треба да понуди современи решенија, кои произлегуваат од развојот на науката и практиката. Оттука, додава Каламатиев, најголем проблем е имплементацијата на законите во доменот на работните односи преку зајакнување на дијалог и колективно договарање. Според професорот, клучен предизвик е и прашањето за капацитетите и надлежностите на трудовиот инспекторат, но и прашањето за судските постапки по спорови од работен однос.
„Јас сум за промени во Законот за работните односи бидејќи овој закон мора да ја следи динамиката на општествените односи, на правото и на економијата. Но, како што реков, измените мора да бидат резултат на процес на анализи и на дијалог. Во моментов се работи на измени на законот, и јас, како претставник на еден од синдикатите, сум вклучен во подготовките на измените. Според мене, измените на законот не треба да бидат водени од идејата дали треба да се менува законот, туку од тоа каков закон навистина ни треба“, истакнува професорот Лазар Јовевски.
Потребата од измени на Законот за работните односи беше акцентирана на конференција на новоформираното Здружение за трудово и социјално право, која беше посветена на предизвиците во трудовото право. Во новиот Закон за работните односи, беше нагласено на настанот, многу работи треба да се допрецизираат во согласност со регулативите на ЕУ. Трудовото право е жива материја и подложна на општествените промени, како во правото, така и во економијата.
„Процесите од трудовоправната област се тесно поврзани економско-социјалната област, и од тие причини работничките права се клучен елемент во севкупното општествено живеење“, потенцираше професорката Гзиме Старова.
Прва конференција на ЗТСП посветена на актуелните состојби во трудовото и социјалното право
Ќе се одржи конференција за состојбите во трудовото и социјалното право, во организација на ЗТСП
Новините во Законот за работните односи изгласани во Собранието на РМ
Се подготвуваат измени на Законот за работните односи
M.В