/ Прочитано:

9.263

Законот за субвенционирање придонеси за зголемени плати во собраниска процедура по скратена постапка

Во собраниска процедура по скратена постапка е Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на  плата. Целта на Законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување, се вели во законското образложение, е поттикнување на работодавачите да исплаќаат плата во повисок износ.

Во Законот се пропишува дека придонeси од задолжително социјално осигурување се придонесите за  пензиско и инвалидско осигурување врз основа на тековна исплата, задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, здравствено осигурување, стаж на осигурување кој се смета со зголемено траење, и осигурување во случај на невработеност

Исто така, во Законот се дефинира дека обврзник за пресметка и уплата на придонесите е работодавач и самовработено лице во согласност со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување.

Субвенционирање на придонеси не може да оствари:

  • орган на државната и на локалната власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија,  општините, Градот Скопје и  општините во Градот Скопје;
  • приватна агенција за вработување за осигуреник кој е отстапен кај  работодавач;
  • обврзник  кој за осигуреникот користи ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или данок на личен доход согласно закон или друг основ, за период додека ја користи субвенцијата, односно ослободувањето;
  • обврзник кој за осигуреникот користи мерка за субвенција на плата преку Оперативниот план за активни програми и мерки за  вработување, за периодот додека ја користи мерката и
  • обврзник кој за осигуреникот за кој побарува субвенционирање на придонеси му е доделена финансиска поддршка за нови вработувања согласно Законот за финансиска поддршка на инвестиции.

Субвенционирање на придонеси може да користи обврзникот кој:

  • има статус на активен обврзник за пресметка и уплата на придонеси, односно не е во постапка на стечај или ликвидација или постапка на бришење согласно  Законот за трговските друштва и
  • нема доспеани обврски по основ на бруто-плата до денот на побарување на субвенционирање на придонеси.

Субвенционирање на придонеси може да  користи обврзник за осигуреник кој бил во  задолжително социјално осигурување кај тој обврзник во сите месеци од референтниот период.

Субвенционирање на придонеси може да користи обврзник за осигуреник за кој има зголемување на плата како разлика меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.

Што е референтен период?

Референтен период, се пропишува во Предлог-законот, се три последователни месеци кои претходат на месецот за кој обврзникот прв пат остварува субвенционирање на придонесите за определен осигуреник во кои осигуреникот  нема отсуство од работа поради привремена спреченост од работа, без оглед на остварениот број на часови на работа во референтниот период што осигуреникот ги поминал на работа кај тој обврзник.

Референтна основна плата е просечната месечна нето-плата која обврзникот ја исплатил за референтниот период, утврдена на денот кога обврзникот прв пат остварува субвенционирање на придонесите. Во референтната основна плата не се вклучени исплатените надоместоци на плата.

Износот на субвенциите на придонесите

Обврзникот не е должен да уплатува придонеси од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси. Највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето-плата до 6.000 денари месечно по осигуреник. Најнискиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето-плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник.

Зголемување на плата пак е разликата меѓу пресметаната нето-плата за месецот за кој се побарува субвенционирање на придонеси и референтната основна плата исплатена од обврзникот во референтниот период.

Ќе се користат податоците од УЈП

„Со новото решение се предлага да се користат податоците од Месечната пресметка за интегрирана наплата што работодавачот ја поднесува до Управата за јавни приходи, согласно со Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување. Во оваа пријава се означува осигуреникот за коj бара субвенционирање на социјалните придонеси. Управата за јавни приходи врши контрола на Месечната пресметка за интегрирана наплата во однос на  исполнување на условите и ја одобрува  Месечната пресметка за интегрирана наплата и издава Декларација за прием во износ намален за одобреното субвенционирање на придонеси. Доколку не се исполнети условите за субвенционирање на придонесите, Управата за јавни приходи известува за причината поради која не е одобрено субвенционирање на придонеси. Во ваков случај работодавачот може да исплати плата и социјални придонеси, но нема да добие субвенционирање на социјалните придонеси.

Исплатата на субвенционирањето на социјалните придонеси ќе го врши Министерството за труд и социјална политика, а се врши по добиени податоци од Управата за јавни приходи најдоцна до 25-ти во месецот за претходниот месец“, се вели во законското образложение.

УЈП ќе проверува дали се исполнети законските услови за субвенции

„Обврзникот во Месечната пресметка за интегрирана наплата, што ја поднесува до Управата за јавни приходи, за осигуреникот за коj бара субвенционирање на придонеси внесува ознака објавена од страна на Управата за јавни приходи.

Управата за јавни приходи за обврзникот кој побарува субвенционирање на  придонеси за осигуреникот, ја проверува исполнетоста на законските услови. Доколку се исполнети условите, Управата за јавни приходи го намалува износот од обврската за социјалните придонеси за износот на одобреното субвенционирање на придонесите“, се пропишува во Предлог-законот.

Се предвидува Законот да започне да се  применува од 1 ноември 2019 година до 31 октомври 2022 година.

Утврден текстот на Предлог-законот за субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување

Предлог-закон: Работодавците што ќе ги зголемат платите ќе добијат субвенции за придонесите од социјално осигурување

М.В