/ Прочитано:

1.814

Законот за Судскиот совет ќе претрпи измени, а Законот за Советот за утврдување на факти ќе престане да важи

Министерството за правда подготвува Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Судски совет и Закон за престанување на важење на Законот за Совет за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија.

Цел на измените на Законот за Судскиот совет, истакнуваат од Министерството за правда, е да се зголеми транспарентноста во работата на Советот и да се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија, а во согласност со меѓународните препораки и Програмата на Владата на РМ за периодот 2017 – 2020 год.

„Во 2015 година беше донесен Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија со кој закон дел од надлежноста на Судскиот совет беше пренесен на овој орган, а чие основање наиде на критики од меѓународната јавност“, образложуваат од Министерството за правда.

Имено, додаваат од Министерството за правда, во мислењето на Венецијанската комисија се наведува дека: „Функциите на Советот за утврдување на фактите треба да бидат префрлени во Судскиот совет, под услов членовите или телата на Судскиот совет вклучени во почетната фаза на дисциплинската постапка како што се обвинители или истражувачи да не учествуваат во конечната одлука како судии“.

„Оваа препорака се имплементира со престанување на важење на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и пренесувањето на целокупната постапка во надлежност на Судскиот совет, со тоа што членовите кои ја покренале постапката, како и членовите кои учествуваат во истрагата нема да имаат право на глас при одлучувањето за дисциплинска одговорност. Од наведените причини, се оцени дека е неопходно да се пристапи кон итна измена на одредбите од овој закон, со кој ќе се предвиди поголема транспарентност во работата на Советот, ќе се поедностави дисциплинската постапка за утврдување на одговорноста на судија во согласност со меѓународните препораки и Програмата на Владата на Република Македонија за периодот 2017 – 2020 година“, образложуваат од Министерството за правда.

Во врска со Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, од Министерството за правда велат дека основна цел на Законот е престанување на важење на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија и враќање на надлежноста за водење на дисциплинска постапка на Судскиот совет на Република Македонија, водејќи сметка за дадените забелешки и напатствија од меѓународните институции во делот на водењето на постапката и носењето на одлуката од страна на Судскиот совет на Република Македонија.

Одредбите од Законот за судовите, Законот за Судскиот совет на Република Македонија и Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија беа предмет на разгледување од страна на Венецијанската комисија во рамките на Советот на Европа. Во тие рамки, Венецијанската комисија во декември 2015 година донесе мислење со кое истакнува одредени сугестии за подобрување на одредбите од пакетот закони од областа на правосудството. Постапувајќи по забелешките на Венецијанската комисија, се пристапи кон изготвување нови законски решенија во пакетот закони од областа на правосудството, во кои се имплементираат мислењата на Венецијанската комисија. Клучните забелешки на Венецијанската комисија се однесуваа на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, на основите за дисциплинска одговорност на судија и дисциплинските мерки, како и одредбите за оценување на судиите. Дел од овие прашања се адресирани во овој Предлог-закон.

М.В