/ Прочитано:

1.348

Законот за заштита од вознемирување на работно место се усогласува со Законот за инспекциски надзор

Во собраниска процедура се измените на Законот за заштита од вознемирување на работно место по скратена постапка. Целта на  измените е усогласување со новиот Закон за прекршоците и со новиот Закон за инспекциски надзор.

„Со измените се додава нов член 35-а, со кој се врши усогласување со Законот за инспекциски надзор во делот на претходна постапка со изрекување опомена за сторен прекршок.

Со членот 2 во членот 36 се врши усогласување на досегашните глоби, за сторен прекршок, со новиот Закон за прекршоците, каде што е предвидено да се изрекува глоба  за микро и мали работодавачи, средни и големи работодавачи, како и одредување на глоба за истиот прекршок за одговорното лице во правното лице, работодавач – физичко лице и службено лице. Се уредува и надлежноста за прекршоците од членот 36 од овој закон и се предвидува надлежен орган за  водење на прекршочна постапка и изрекување на прекршочна санкција, а се уредува и правото на  жалба и надлежноста на органот кој ќе одлучува по жалбата.

Со членот 4 се менува членот 37, со кој се уредува постапката на порамнување со издавање на прекршочен платен налог по претходно подготвен записник од страна на инспекторот“, се вели во законското образложение.

Законот за заштита од вознемирување на работно место ги уредува правата, обврските и одговорностите на работодавачите и вработените во врска со спречување на психичко и полово вознемирување на работното место и местото на работа, мерките и постапката за заштита од вознемирување на работно место, како и другите прашања кои се однесуваат на спречувањето и заштитата од вознемирување на работно место. Со овој закон се спречува и се заштитува од психичко и полово вознемирување на работното место, односно местото на работа, и се обезбедува здрава работна средина.

М.В