/ Прочитано:

2.358

По скратена постапка

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Адвокатите, судските и јавнообвинителските службеници со просек 7 и со петгодишен стаж добиваат можност за прием во Академијата

Во Собранието на Република Македонија предложени се нови измени по скратена постапка на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители. Целта на измените е зголемување на професионалното, стручното и квалитетното извршување на јавно обвинителската функција. Во законското образложението се вели дека измените со во насока на создавање можност за квалификуваниот стручен кадар со најмалку пет години работен стаж по положен правосуден испит како судски службеник, јавно обвинителски службеник или адвокат за пристап до Академијата за судии и јавни обвинители заради натамошен развој во кариерата.

mladi-advokati-e1419587760658.jpg

Почетната обука во Академијата да се спроведува само во една фаза

Во предложените законски измени се пропишува дека покрај досегашното законско решение за услов за прием во почетна обука на дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование VII/I степен на правни студии со просек од најмалку 8,0 и постдипломски студии со просек од најмалку 8,0 или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС), со просек од најмалку 8,0 во секој од двата циклуса на универзитетските студии, положен правосуден испит и со работен стаж од најмалку две години на правни работи по положен правосуден испит, по исклучок, заради пополнување на потребниот број на јавни обвинители за извршување на нивната надлежност согласно Закон, да се овозможи пристап и за дипломиран правник со завршено четиригодишно високо образование VII/I степен на правни студии со просек од најмалку 7,0 или дипломиран правник со стекнати 300 кредити според Европскиот кредит – трансфер систем (ЕКТС) со просек од најмалку 7,0 на универзитетските студии, положен правосуден испит и со работен стаж од најмалку пет години по положен правосуден испит како судски службеник, јавно обвинителски службеник или како адвокат. За овие слушатели се предвидува почетната обука во Академијата да се спроведува само во една фаза, односно се предвидува теоретска настава во траење од девет месеци.

Кадар кој може да придонесе за висок квалитет во судството и јавното обвинителство

„Со примената на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители  и новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, односно со отпочнувањето на примената на одредбата од 1 јануари 2012 година во однос на просекот 8,0 за кандидатите како услов за прием на почетната обука, искусните стручни кадри – дипломирани правници со положен правосуден испит и долгогодишно искуство во судовите, јавните обвинителства и во адвокатурата кои не го исполнуваа условот за просек немаа можност да се пријават за прием во почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, иако со нивното докажано искуство во работата можат да придонесат за висок квалитет во судството и јавното обвинителство“, се вели во законското образложение.

Потреба од зголемување на стручниот кадар

Од друга страна, се вели во измените, со отпочнувањето на примената на новиот Закон за кривичната постапка и воспоставувањето во пракса на новиот систем согласно кој јавното обвинителство и јавните обвинители ја превземаат главната истражна улога, се појави потребата од зголемување на стручниот кадар и зајакнување на јавните обвинителства заради целосно остварување на законските надлежности.

„Воедно, праксата покажа дека слободните места за јавни обвинители не можат да бидат пополнети заради условот за претходно завршена Академија на судии и јавни обвинители на кандидатите за јавни обвинители.Согласно вака утврдената состојба и согласно  заклучок на Владата на Република Македонија, Министерството за правда подготви Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за Академијата за судии и јавни обвинители и пристапи кон подготовка на законско решение со кое се најде начин како стручните квалификувани кадри да се мотивираат и целосно да се вклопат со новиот концепт за завршена почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, како услов за избор на јавен обвинител.  Подготвената измена на Законот е извршена согласно дадените насоки во заклучокот бр.42-17/124 од 7.12.2015 година од Сто дваесет и четвртата седница на Владата на Република Македонија, да се предвиди можност стручните соработници со положен правосуден испит со просек над 7,00 кои најмалку пет години работат во судството и обвинителството да можат да бидат примени во почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители.  Со тоа се дава можност на квалификуваниот стручен кадар со најмалку пет години работен стаж по положен правосуден испит како судски службеник, јавно обвинителски службеник или адвокат за пристап до Академијата за судии и јавни обвинители заради натамошен развој во кариерата. Со оглед на нивното искуство и практична работа, почетната обука за овие слушатели ќе се одвива во една фаза – само теоретска настава, која ќе биде во траење од девет месеци“, се образложува во текстот на предложените законските измени во собраниска фаза.

М.В / veljanoskim@akademik.mk