/ Прочитано:

1.155

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Авиокомпаниите задолжително ќе ги осигуруваат багажот и пратките

Авионските компании ќе бидат задолжени со закон да ги осигуруваат багажот на патниците и предметите што ги пренесуваат. Со измените на Законот за задолжително осигурување во сообраќајот, кои ги изготви Министерството за финансии, се утврдуваат права за надомест на штета на сопствениците на багажот и на пратките.

Законските измени, информираат од Министерството за финансии, уредуваат и обврска за задолжително осигурување на дел од воздухопловите без екипаж – дронови. Со законот се опфаќаат дронови над 5 килограми. На овој начин се заштитуваат граѓаните доколку се предизвика материјална штета од управување со дронот.

„Со овие измени се врши усогласување на Законот со европските регулативи од областа на цивилното воздухопловство. Измените на Законот се ставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи на Република Македонија, на кој сите засегнати страни можат да оставаат предлози и коментари. Министерството за финансии ќе ги земе предвид и внимателно ќе ги разгледа сите сугестии пред пуштање во владина процедура“, велат од Министерството за финансии.

Со Законот за задолжително осигурување во сообраќајот се уредува задолжителното осигурување на: а) патници во јавен превоз од последици на несреќен случај – незгода; б) сопственици, односно корисници на моторни и приклучни возила; в) сопственици, односно корисници на воздухоплови и г) сопственици, односно корисници на бродови, односно чамци на моторен погон, од одговорност за штети предизвикани на трети лица во сообраќајот и други прашања од значење за задолжителното осигурување во сообраќајот.

M.В