/ Прочитано:

1.465

Законски измени: Едноставна процедура за подготовка на плановите за квалитет на воздухот

Министерството за животна средина и просторно планирање подготвува измени на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух. Главната цел на Законот за изменување и дополнување на Законот за квалитетот на амбиенталниот воздух, посочуваат од Министерството, е воспоставување на едноставна процедура на подготовка на плановите за квалитет на воздухот и на краткорочните акциски планови, како и ефикасно спроведување на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот.

„При анализа на состојбата со управување со квалитетот на воздухот во Република Македонија се увиде дека постојниот начин на подготовка на плановите за квалитет на воздух на ниво на зона/агломерација создава тешкотии од причина што на ниво на зона се вклучени поголем број на општини со различни проблеми и извори на загадување на воздухот. Начинот на усвојување на планските документи на ниво на ЕЛС и нивна проверка и одобрување од страна на централната власт не се јасно прецизирани. Пропишаните краткорочни мерки во локалните краткорочни акциони планови, како и краткорочни мерки предложени од Интерсекторската работна група и усвоени од страна на Владата се спроведуваат со тешкотии. Делумно се спроведува контрола на имплементацијата на краткорочните мерки од страна на инспекциските служби и недоволен е бројот на државни инспектори и овластени инспектори за животна средина кои вршат контрола на спроведувањето на краткорочните мерки“, образложуваат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

М.В