/ Прочитано:

773

Законски измени: И жртвите на сексуално насилство да бидат згрижувани во Центар за привремено згрижување и советувалиште

Група пратеници во Собранието на РМ поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за социјалната заштита. Целта на овој закон, посочуваат пратениците, е да се овозможи сеопфатно регулирање на условите за сместување на лица во станбени единици преку самостојно или организирано живеење со постојана или повремена помош од стручни или други лица.

Со предложените измени на Законот се врши дополнување на поблиските услови кои со акт ги пропишува министерот, односно покрај поблиските услови за стандардите за потребен простор, опрема и стручен кадар, нивото на поддршката и начинот и програмата за остварување на поддршката, се предвидува и пропишување на нивото на финансиска поддршка по корисник.

Со измените, воедно, се овозможува во системот на социјална заштита услугите на Центар за привремено згрижување и советувалиште, покрај жртвите на семејно насилство, да ги користат и жртвите на сексуално насилство.

„Се допрецизираат условите во постапката за користење на парична помош за студирање на втор циклус на студии за лице кое до 18 години возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа, користењето на социјалната парична помош во случај кога корисниците се работно ангажирани, се брише посебниот услов за стручните лица – даватели на јавни услуги во установите за социјална заштита а кој се однесува на знаење на еден странски јазик и се допрецизира постапката за рефундирање на средства за платени царински давачки, данок на додадена вредност и акциза за набавка на патнички автомобил за потребите на лица со попреченост. Со овие законски измени се создава основа за утврдување на цената на услугите во социјалната заштита, врз основа на утврдена методологија“, се вели во законското образложение.

М.В