ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Кредитното биро ќе изготвува извештаи за кредитобарателите и ќе обезбедува податоци од јавни книги
Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро, по скратена постапка, е во собраниска процедура. Предлагач на Законот е Владата на РМ. Донесувањето на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро, се вели во законското образложение, е со цел воведување на извештај за кредитно рангирање на кредитобарателите. Овие измени ќе овозможат изготвување на поквалитетни извештаи за субјектите на податоци, а на тој начин и подобро управување со ризикот од страна на финансиските институции. Исто така, кредитобарателите ќе имаат јасна слика за својата финансиска состојба.
Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за кредитно биро се заснова на истите начела на кои се заснова и основниот текст на Законот.
Основни решенија на предложениот закон се:
- кредитното биро ќе изготвува извештаи за кредитно рангирање на кредитобарателите;
- кредитното биро ќе обезбедува и податоци од јавни книги и регистри и други јавно достапни податоци и
- банка со седиште во Република Македонија, врз основа на договор склучен со кредитното биро, ќе издава извештаи на кредитното биро за субјекти на податоци.
Со предложените измени се менува дефиницијата за кредитно биро со цел да се овозможи кредитното биро, покрај извештаите за задолженоста и редовноста во исполнувањето на обврските на субјектот на податоци, да може да изготвува и извештај за кредитно рангирање. Исто така, со законските измени се дефинираат кредитниот извештај и извештајот за кредитно рангирање.
Со измените се дава основ кредитното биро да обезбедува податоци од банките за секоја блокада и деблокада на трансакциска сметка преку Единствениот регистар на трансакциски сметки. Податокот за блокирана, односно деблокирана трансакциска сметка, кој ќе биде дел од кредитниот извештај, ќе им овозможи на корисниците на податоци информација за тоа дали субјектот на податоци има блокирана трансакциска сметка.
Исто така, се дава можност кредитното биро да изготвува кредитен извештај и извештај за кредитно рангирање за субјектите на податоци, врз основа на добиените податоци од давателите на податоци, како и обезбедените податоци од јавни книги и регистри и други јавно достапни податоци за субјектите на податоци.
Истовремено, со Предлогот на закон се воведува одредба со која се пропишува дека кредитното биро користи еден или повеќе модели изработени во согласност со стандардите што ги применуваат меѓународно активните кредитни бироа и при тоа е должно на својата интернет-страница да ги објави моделите врз основа на кои ги изготвува извештаите за кредитно рангирање. Воведувањето на извештајот за кредитно рангирање ќе резултира со предности за кредиторите и кредитокорисниците. Извештајот за кредитно рангирање, се вели во законското образложение, ќе им овозможи на кредиторите да го подобрат кредитното портфолио, да ги намалат трошоците од работењето и значително ќе го намали времето потребно за одобрување на кредити. Истовремено, извештајот за кредитната способност на кредитобарателите ќе им даде јасна слика за нивната финансиска состојба.
Со измените се дава можност кредитното биро, во согласност со закон, да обезбедува и податоци од јавни книги и регистри и други јавно достапни податоци за субјектите на податоци. Со оваа измена, се посочува во образложението, ќе се зголеми обемот на податоци врз основа на кои кредитното биро ќе изготвува поквалитетни извештаи за субјектите на податоци, а на тој начин ќе се овозможи подобро управување со оперативниот ризик од страна на финансиските институции.
Понатаму, со законските измени се овозможува извештаите за субјектите на податоци изготвени од кредитното биро да се издаваат на корисници на податоци преку банка со седиште во Република Македонија како дел од активноста за посредување во склучување договори за кредити и заеми, врз основа на договор склучен со кредитното биро. Притоа, банка со седиште во Република Македонија ќе има само посредничка улога меѓу кредитното биро и корисниците на податоци, односно нема да изготвува извештаи за субјекти на податоци. Оваа активност банката ќе ја врши врз основа на договор со кредитното биро, во кој ќе бидат уредени правата и обврските на двете страни. Со оваа измена, а имајќи предвид дека банките имаат деловни единици речиси на целата територија на Република Македонија, извештаите изготвени од кредитното биро ќе бидат подостапни за граѓаните.
Дополнително, се дава можност кредитното биро да разменува податоци со кредитни бироа или субјекти од други земји кои прибираат и кои обработуваат податоци и изготвуваат извештаи за обврските на субјектите на податоци, со кои кредитното биро има склучено договор за размена на податоци.
Со измените се врши усогласување со Законот за извршување, и понатаму се додаваат нова Глава III-а и три нови члена 45-б, 45-в и 45-г, со кои е утврдена обврска тарифникот на надоместоци кои ги наплатува кредитното биро за услугите кои ги врши во согласност со закон да го објави на својата интернет-страница.
Во согласност со постојното законско решение, кредитното биро нема обврска да го објавува тарифникот на надоместоците што ги наплатува на својата интернет-страница. Поради ова, а со цел увид во надоместоците кои ги наплатува кредитното биро, се воведува обврска кредитното биро да го објави тарифникот на својата интернет-страница. Со членот 45-в се воведува обврска за кредитното биро да ги изготвува извештаите во согласност со Законот за трговските друштва и усвоените меѓународни стандарди за финансиско известување. Исто така, со членот 45-г се уредува дека кредитното биро ќе биде должно да подготвува годишен извештај, кој најдоцна до 30 јуни во тековната за претходната година ќе го објави на својата интернет-страница.
М.В