/ Прочитано:

1.859

Законски измени: Кредитното биро ќе може да изготвува извештаи и за кредитната способност на кредитобарателите

Министерството за финансии подготвува измени на Законот за кредитно биро чија цел е воведување извештај за кредитната способност на кредитобарателите. Во согласност со Законот за кредитно биро, истакнуваат од Министерството за финансии, кредитното биро може да изготвува извештаи за состојбата на обврските на правни и физички лица, но не може да изготвува извештаи за нивната кредитна способност, што е вообичаена активност на кредитните бироа во меѓународни рамки.

Поради тоа, додаваат од Министерството, се предлага да се даде можност кредитното биро да изготвува извештаи за кредитната способност на кредитобарателите. Воведувањето на оваа услуга ќе резултира со предности за кредиторите и за кредитокорисниците.

„Донесувањето на Предлог-законот е со цел воведување извештај за кредитната способност на кредитобарателите.  Извештајот за кредитната способност ќе им овозможи на кредиторите да го подобрат кредитното портфолио, да ги намалат трошоците од работењето и значително ќе го намали времето потребно за одобрување кредити. Истовремено, извештајот на кредитобарателите ќе им даде јасна слика за нивната кредитна способност“, образложуваат од Министерството за финансии.

М.В