/ Прочитано:

1.094

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Припадниците на заедниците кои се познати како „другите“ во Преамбулата да имаат свој неработен ден

Пратеници во Собранието предложија измени на Законот за празниците. Со предложените законски измени се предлага прогласување на неработни денови за припадниците на словенечката, унгарската, полската, египќанската, хрватската, црногорската, ерменската, бугарската, грчката и руската заедница.

„Согласно Уставот на Република Северна Македонија, како највисок акт, граѓаните на Република Северна Македонија, македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел на албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, ја конституираат Република Северна Македонија, како самостојна и суверена држава, со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.

Во Република Северна Македонија покрај заедниците кои таксативно се набројуваат во Преамбулата на Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на податоците од последниот попис на населението, живеат уште и припадници на етничките заедници на Египќаните, Црногорците, Хрватите, Словенците, Полјаците, Унгарците, Украинците, Русите, Ерменците, Бугарите и Грците. Овие заедници се организирани во соодветни здруженија на граѓани, со што го негуваат својот културен и етнички идентитет.

Со усвојување на предложените изменувања и дополнувања на Законот за празниците ќе се укине дискриминацијата и исклучувањето што го генерира овој закон врз припадниците на заедниците кои се познати како ‘другите’ од Преамбулата. Во рамките на духот на градењето на концептот за развој на едно општество за сите и оваа категорија на граѓани ќе бидат рамноправни и со еднакви можности со останатите граѓани кои имаат право да имаат свој неработен ден, што е значаен за соодветната сопствена историја, култура и идентитет на посебната заедница“, образложуваат пратениците.

Со предложените законски измени како неработни денови за припадниците на словенечката заедница, унгарската заедница, полската заедница, египќанската заедница, хрватската заедница, црногорската заедница, ерменската заедница, бугарската, заедница грчката заедница и руската заедница се прогласуваат и деновите:

8 февруари, празник за припадниците на словенечката заедница;

– 15 март, празник за припадниците на унгарската заедница;

–   3 мај, празник за припадниците на полската заедница;

–  24 јуни, празник за припадниците на египќанската заедница;

– 25 јуни, празник за припадниците на хрватската заедница;

– 13 јули, празник за припадниците на црногорската заедница;

– 21 септември, празник за припадниците на ерменската заедница;

–  22 септември, празник за припадниците на бугарската заедница;

– 28 октомври, празник за припадниците на грчката заедница;

–  4 ноември, празник за припадниците на руската заедница.

НЕРАБОТНИ ДЕНОВИ ЗА 2019 ГОДИНА: Објавена програмата на Министерството за труд и социјална политика

М.В