/ Прочитано:

1.166

Законски измени со кои се укинува условот земјоделците да ги намират обврските кон УЈП за да добијат субвенции

Земјоделците веќе нема да бидат обврзани да ги намират обврските кон УЈП за да добијат субвенции, се предвидува во новите предложени измени на Законот за земјоделство и рурален развој. Во таа насока, со предложените законски измени се предлага за корисниците на средствата во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој да престанат да важат условите за намирени обврски по други основи кои не се во областа на земјоделството, односно обврски за кои е надлежна Управата за јавни приходи.

Истовремено, со Законот се предлага во иднина за корисниците на средствата во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој да престане да важи и условот за намирени обврски врз основа на обврски по склучени договори за користење на средства од компензациони фондови од странска помош за кои е надлежно Министерството.

Понатаму, со законските измени се предлага и воведување на нова помош за земјоделските стопанства која треба да овозможи намалување на трошоците за земјоделското производство и поконкурентно земјоделско производство.

Во таа насока, се предлага кофинансирање на трошоците за набавка на гориво за земјоделското производство до 50 %, со што значително ќе се влијае на намалувањето на трошоците на земјоделските стопанства за земјоделското производство.

Со законските измени е опфатена и „зелената нафта“ или, како што се наведува, поддршката на трошоците за набавка на гориво за земјоделска механизација. Предвидено е поддршката да изнесува до 50 отсто од трошоците на земјоделските стопанства за набавка на гориво, а ќе се доделува со давање платежни картички за набавка на гориво во определен износ.

Целта на измените е да се овозможи ефикасна и навремена исплата на средствата од програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на крајните корисници, намалување на трошоците за земјоделското производство и поконкурентно земјоделско производство.

М.В