/ Прочитано:

5.271

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Условите и постапката за субвенционирање на станбен кредит за изградба или купување на нова куќа

Во Собранието на Република Македонија, предложени се измени на Законот за субвенционирање на станбен кредит, чија цел е зголемување на износот на субвенцијата за станбен кредит за физичкото лице до наполнети 35 години возраст, односно за физичко лице кое е во брачна заедница во која барем едниот брачен другар е на возраст до 35 години

???

„Со цел понатамошно олеснување на условите за обезбедување на сопствен дом за младите лица на возраст до наполнети 35 години и младите лица кои се во брачна заедница при што барем едниот од двајцата брачни другари е на возраст до 35 години, се предлага Закон за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит со кој се предлага зголемување на износот на субвенција и периодот на субвенционирање на станбените кредити за изградба или купување на нова куќа. Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за субвенционирање на станбен кредит е зголемување на износот на субвенцијата за станбен кредит за физичкото лице до наполнети 35 години возраст, односно за физичко лице кое е во брачна заедница во која барем едниот брачен другар е на возраст до 35 години. Со ова се обезбедува дополнителна поддршка за младите лица во насока порано да се одлучат да формираат сопствен дом“, се вели во законското образложение.

Со членот 1 од Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се врши допрезицирање на условите кои физичките лица треба да ги исполнуваат за добивање на субвенциониран станбен кредит.

Имено, со овој член се менува член 5 став 1 од Законот за субвенционирање на станбен кредит при што во алинеја 3 се додава дека лицето кое аплицира може да поседува до една половина од стан или куќа кое го добило по основ на дар, слично како што тоа е дозволено по основ на наследство.

Во алинеите 4 и 5 од истиот член се појаснува дека во случај кога лицето аплицира за субвенциониран станбен кредит, а притоа продава помал стан/куќа со цел купување поголем стан/куќа за потребите на сопственото домување, станот/куќата треба да се веќе продадени.

Дополнително, со овој член се уредува дека физичкото лице не смее да го издава станот односно куќата под закуп, не смее да го отуѓи и дека не смее да ја оптовари недвижноста со хипотека во првите 5 години, односно во првите 12 години за младите лица до 35 години од почетокот на исплатата на кредитот во случајот на субвенционирање на месечниот ануитет за изградба или купување на нова куќа.

Со член 1 од овој Предлог-закон, во членот 5 по ставот 2 се додава нов став со кој се доуредуваат условите за продажба на помал стан/куќа со цел да се купи поголем стан/куќа во случај кога барателот се уште не ја отуѓил недвижноста, односно истата е во постапка на продажба. Притоа, со овој став се уредува дека  Министерството за финансии ќе му укаже на барателот на субвенциониран станбен кредит дека неговото барање за субвенциониран станбен кредит нема да се стави во електронскиот систем за избор на корисници на субвенциониран станбен кредит се додека не се обезбеди потврда од Агенцијата за катастар на недвижности за промена на сопственоста на недвижната ствар и доказ дека е платен данокот на промет на недвижности. Откако ќе се добие потврда од Агенцијата за катастар на недвижности за промена на сопственоста на недвижноста и доказ за платен данок на промет на недвижности се утврдува исполнетоста на сите услови во моментот на одлучување за одобрување на субвенцијата.

Со член 2 од Предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се менува член 9 од Законот за субвенционирање на станбен кредит, односно се дефинира модел на субвенционирање за изградба или купување на нова куќа за млади лица до 35 години.

Имено, за млади лица до 35 години за изградба/купување куќа се субвенционира 80% од месечната рата во првите 8 години и 50% од наредните 3 години или целосниот износ од учеството на кредитот за  изградба/купување куќа. Исто така, со овој член се уредува можноста за предвремена доброволна отплата на субвенционираниот станбен кредит за моделот субвенционирање на 80% од месечната рата за млади лица до 35 години по истекот на дванаесетта година од отплатата на кредитот и средствата за субвенционирање се неповратни.

Со членот 3 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се врши измена во член 11, односно техничка корекција на повикувањата со соодветните ставови и алинеи од членот.

Со членот 4 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се врши измена во член 13, алинеја 5, со која се утврдува забрана за корисникот на кредитот кој аплицира за субвенционирање на 80% од месечниот ануитет за изградба или купување на нова куќа, истата да не може да ја отуѓи во период од првите дванаесет години од започнување со исплата на кредитот.

Со членот 5 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се врши измена во член 14, односно техничка корекција на повикувањата со соодветните членови, ставови и  алинеи од законот.

Со членот 6 од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенционирање на станбен кредит се пропишува дека постапките започнати за одобрување на субвенциониран станбен кредит до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе продолжат согласно со одредбите од овој закон.

М.В