Законски измени за оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од училиштата
Министерството за финансии подготвува измени на Законот за игрите на среќа и за забавните игри.
„Со постојниот закон не е уредена оддалеченоста на деловните простории во кои се приредуваат игрите на среќа од основни и средни училишта и високообразовни институции. Ваквиот начин на уредување дава можност младата популација да има лесен пристап до игрите на среќа. Согласно постојното законско решение, приредувачите на игри на среќа во обложувалница и автомат-клуб, со добивањето на една лиценца за автомат-клуб и обложувалница имаат можност да отворат неограничен број на деловни простории, односно уплатно-исплатни места. Ваквиот начин на отворање на деловните простории за приредување на игри на среќа на автомати има позитивни ефекти само за приредувачите, на кои им се овозможува со плаќање на надоместок само за една лиценца да отворат голем број на деловни простории, а негативни ефекти врз Буџетот на Република Северна Македонија поради помалку остварени приходи по овој основ“, образложуваат од Министерството.
М.В