Законски измени за продажбата на деловните згради и простории на РМ: Продажба на деловен простор и со непосредна спогодба
Министерството за транспорт и врски подготвува Предлог-закон за дополнување на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.
„За да можат да купат деловен простор од Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Републиката и Акционерското друштво за стопанисување со деловен простор во државна сопственост, државните органи и субјектите од членот 2 од овој закон потребно е да учествуваат на електронско јавно наддавање согласно законот“, велат од Министерството за транспорт и врски.
Во членот 5 од Законот се пропишува дека продажбата и давањето под закуп на деловниот простор се врши со електронско јавно наддавање
Целта на законските дополнувања, додаваат од Министерството, е да се овозможи по исклучок од членот 5 од овој закон, a под услови и начин утврдени со предложените членови, продажба на деловен простор да може да се врши со непосредна спогодба за потребите на субјектите од членот 2 на овој закон и за државните органи.
Инаку, во членот 2 од Законот се споменуваат трговски друштва основани од државата, фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата и други институции основани од државатa и трговски друштва во доминантна сопственост на државата.
М.В