/Прочитано:

2.336

По скратена постапка

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ ЗА СУДСКИТЕ И АДМИНИСТРАТИВНИТЕ СЛУЖБЕНИЦИ: Се одложува реализацијата и изрекувањето на мерките за одличен и слаб ефект

Во Собранието на Република Македонија, предложени се нови измени и дополнувања по скратена постапка на Законот за судска служба и на Законот за административни службеници. Се одлoжува реализацијата на мерките за одличен и слаб ефект, се вели во обрзложенијата на измените и дополнувањата на двата закони. Покрај овие измени, во Законот за судска служба има новини за вредноста на бодот за пресметување на платите на судската полиција, додека пак, со Законот за административни службеници, се врши и усогласување со новиот Закон за општата управна постапка.

akad 1

Измени и дополнувања во Законот за судска служба – новини за „одличниот и слабиот ефект“ и за платите на судската полиција

Во законските измени на Законот за судска служба се пропишува дека вредноста на бодот за пресметување на платите на судската полиција се утврдува секоја година со одлука на Владата на Република Македонија. Исто така, се пропишува дека по завршувањето на оценувањето на судските службеници во 2015 година нема да се донесува решение за реализирање на мерките за одличен и слаб ефект согласно член 90 од Законот за судска служба, односно, како што се вели во законското образложение, се одлoжува реализацијата на мерките за одличен и слаб ефект.

„Ова од причина што Законот за судска служба отпочна да се применува од февруари 2015 година со што е оневозможено да се спроведат сите фази од постапката за оценување во законски утврдените рокови“, се вели во законското образложение на измените на Законот за судска служба.

Измени и дополнувања во Законот за административни службеници

Со измените и дополнувањата на Законот за административни службеници се доуредува прашањето во однос на изрекувањето на мерките за одличен и слаб ефект, статусот на државните секретари во случај на формирање на преодна Влада, како и бришење на сертификатот Аптис, којшто можеше да се приложи како услов за познавање странски јазик.

Имено, како едно од прашањата на законските измени на овој закон се пропишува дека по завршување на оценувањето на административните службеници во 2015 година нема да се донесува решение за реализирање на мерките за одличен и слаб ефект.

„Со членот 7 од Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници се оневозможува изрекувањето на мерките за одличен и слаб ефект за 2015 година. Имено Законот за административни службеници во членот 111 во ставовите (1) и (2), покрај другото пропишува дека започнатите постапки за оценување на државните и јавните службеници кои започнале до денот на започнување со примена на Законот за административни службеници треба да бидат завршени согласно законите по кои биле започнати.  Самиот Закон за административни службеници започна да се применува од 13 февруари 2015 година, период во кој е започнат првиот циклус на оценување согласно Законот за државните службеници кој предвидуваше оценување два пати годишно, на секои шест месеци. Имајќи ја во предвид ваквата состојба, како и фактот што самиот циклус на оценување кој го пропишува Законот за административни службеници започнува во декември, затоа што согласно со член 62 став (3) од законот е пропишано дека работните цели и задачи се утврдуваат во декември. Понатаму целата постапка е пропишана со точно утврдени рокови и тоа 31 мај за интервју, 1 октомври за формирање на комисија, 1 декември за оценување и тн. При тоа за да бидат целосно заштитени службениците согласно 65 став (21) од Законот за административни службеници загарантирано е правото на жалба против постапката за оценување, односно нејзиното непочитување. Со оглед на фактот што законот започна да се применува во февруари, не беше возможно почитување на законските рокови, поради што со измените и дополнувањата се одложува изрекувањето на мерките“, се вели во законското образложение на измените на Законот за административни службеници.

Усогласување со ЗОУП

Покрај овие измени, во Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за административни службеници се пропишува основ за поведување на дисциплинска постапка за службениците доколку не прибавуваат докази и податоци во управна постапка по службена должност, доколку не ги доставуваат бараните докази и податоци по службена должност и доколку не ги решаваат управните предмети и барањата на граѓаните во законски пропишаните рокови.

„Имено согласно новиот Закон за општата управна постапка службениците во иднина ќе бидат должни по службена должност да ги прибавуваат сите докази и податоци за кои евиденција води јавен орган, па следствено на тоа за непочитување на оваа законска обврска службениците ќе треба дисциплински да одговараат, доколку поради нивна неодговорност и вина не ги почитувале законските рокови“, се посочува во законското образложение.

М.В / veljanoskim@akademik.mk