/ Прочитано:

1.011

Законски измени за вршење трговија на мало во услови на пандемија – предвидени глоби и до 2.000 евра

Владата поднесе измени на Законот за трговија во Собранието. Целта на донесувањето на Предлог-законот за дополнување на Законот за трговија по скратена постапка е превенција и зајакнување на заштитата на здравјето на  населението од ширењето на  вирусот ковид-19 во услови на вршење трговија на мало. Инспекциски надзор над примената на мерките за превенција од ковид-19, во согласност со Законот за трговија има надлежност да врши Државниот пазарен инспекторат.

Во новата законска глава „ВРШЕЊЕ НА ТРГОВИЈА НА МАЛО ВО УСЛОВИ НА ПАНДЕМИЈА“, се предвидува:

Трговецот на мало во услови на пандемија е должен:

– да постави ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите во кои се врши трговија на мало,

-да обезбеди редарска служба за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и во објектот и да обезбеди спроведување на дезинфекција за раце при влез во објектот,

-да постави соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување минимум потребното растојание при чекање ред на лицата пред и во објектот и

-да обезбеди заштитна опрема (маски и ракавици) за вработените во објектот.

Ознаките од став 1 алинеја 3 на овој член се поставуваат на растојание од два метри, и тоа: пред секоја каса за наплата и пред влезот на објектот.

Во објектите на трговецот може истовремено да пазаруваат најмногу по едно лице на површина од секои 10 метри квадратни. Во објектите на трговецот кои се помали од 10 метри квадратни може да пазарува само едно лице.

Вработените лица се должни заштитната опрема да ја носат во објектите во кои се врши трговија на мало, за времетраење на работното време.

Глоби

Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за микро и мали трговци и од 1.000 до 2.000 евра во денарска противвредност за средни и големи трговци ќе се изрече за прекршок на трговецот ако постапува спротивно на законските одредби.

Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност за вработеното лице ќе се изрече за прекршок ако постапува спротивно на законските одредби.

М.В