/ Прочитано:

1.252

Законски измени за зајакнување на независниот статус на Дирекцијата за заштита на личните податоци

Министерството за правда подготвува Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на личните податоци. Законските измени се во насока на  обезбедување автономија на Дирекцијата за заштита на личните податоци и нејзината способност да дејствува ослободена од политички притисок. Воедно, законските измени се во насока на усогласување со одредбите од новиот Закон за општата управна постапка.

„Цел на законските измени е зајакнување на независниот статус на Дирекцијата од политички и други влијанија во согласност со барањата на Поткомитетот за правда и безбедност, како и извештајот на Групата за високи експерти за системски прашања за владеењето на правото кои се однесуваат на следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015 (Извештајот од Прибе), извештаите за напредокот на Република Македонија за 2015 и 2016 година“, посочуваат од Министерството за правда.

Со Законот за заштита на личните податоци се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработката на личните податоци.

Дирекцијата за заштита на личните податоци има надлежности да подготвува и донесува подзаконски акти што се однесуваат на заштита на личните податоци; да развива политики и да дава насоки во врска со заштитата на личните податоци и да врши инспекциски надзор во согласност со одредбите од Законот за заштита на личните податоци.

Исто така, Дирекцијата ја цени законитоста на обработката на личните податоци, води Централен регистар, издава претходно одобрение за обработка на личните податоци во согласност со одредбите на Законот за заштита на личните податоци, издава натамошна забрана за обработка на личните податоци на контролорот и издава одобрение за пренос на личните податоци во други држави.

Дирекцијата дава мислење по предлози на акти во областа на заштитата на личните податоци, дава мислење по предлози на кодекси на однесување што се однесуваат на заштитата на личните податоци, води прекршочна постапка преку Комисија за одлучување по прекршок во согласност со законот и постапува по барања на надзорни тела во областа на заштитата на личните податоци на други држави во врска со извршувањето на нивните активности на територијата на Република Македонија.

Надлежност на Дирекцијата е да врши обука и да дава стручна помош на заинтересираните контролори, односно обработувачи, да остварува меѓународна соработка во областа на заштитата на личните податоци и да учествува во работата на меѓународните организации и институции за заштита на личните податоци и да врши други работи утврдени со закон.

М.В