/ Прочитано:

1.557

Законски ќе се утврдува содржината на барањата за административните услуги по електронски пат

Министерството за информатичко општество и администрација подготвува измени на Законот за електронско управување. Целта на Предлог-законот, посочуваат од Министерството, е утврдување на форма, содржина и формат на барањата од граѓаните за остварување на административни услуги по електронски пат и воспоставување основи за централен електронски регистар на население и електронски услуги.

„Во согласност со одредбите од овој закон, ќе бидат пропишани форма, содржина и формат, пример: .doc, .xls, .pdf, на барањата коишто граѓаните би ги поднесувале за остварување на своите права. Содржината на документите кои граѓаните би ги добивале во електронска форма сè уште не е стандардизирана. Со цел воспоставување интегрирана електронска база на податоци на органите кои меѓусебно комуницираат преку единствената околина, а кои содржат лични податоци во електронска форма, неопходно е да се измени и дополни овој закон, на тој начин што ќе се додадат одредби за законскиот основ за воспоставување на централниот електронски регистар на население и електронските услуги“, образложуваат од Министерството за информатичко општество и администрација.

Со Законот за електронско управување се уредува работата на министерствата, другите органи на државната управа, организациите утврдени со закон и други државни органи, судовите, јавните обвинителства и државното правобранителство, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување административни услуги по електронски пат, кога тоа е утврдено со закон. Одредбите на овој закон се применуваат и на работата на физички и правни лица при остварување на административни услуги по електронски пат.

Измените на Законот за електронско управување беа најавени од страна на Владата кон крајот на месец септември оваа година кога беше усвоена информацијата за статусот на спроведување на проектот „Регистар на население“.

Тогаш Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда – Управа за водење на матичните книги, Државниот завод за статистика, Министерството за труд и социјална политика и им укажа на Дирекцијата за заштита на личните податоци и на Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, најдоцна во рок од 7 дена од денот на усвојување на информацијата, да номинираат член и заменик член во работна група за изготвување на Нацрт-закон за Закон за централен електронски регистар на население и Нацрт-закон за Закон за електронско управување.

M.В