Законски обврски на туристичките агенции
Според Законот за туристичката дејност, туристичката агенција во зависност од лиценцата ги има и следните права и обврски:
1) на влезот на деловниот простор да ја истакне фирмата;
2) назнаката „туристичка агенција”, патничка агенција и вообичаените изрази какви што се „Tours” и „Travel” и слично во фирмата можат да ги користат туристичките агенции;
3) кога продава пакет-аранжмани, да му даде на потрошувачот општи информации во врска со пасошот и визата кои се однесуваат на граѓаните на Република Северна Македонија, а особено во врска со времето потребно за да се добијат, како и за здравствените формалности неопходни за патувањето и престојот;
4) да даде информација на барање на корисникот на услугите во кое својство настапува и колкави се неговите овластувања, ако застапува друга туристичка агенција;
5) да склучи договор со корисникот на услугата во кој ќе бидат јасно определени условите и начинот на давање на услугите;
6) во промотивните печатени материјали, како и во сите работни документи, видливо да се истакне фирмата и седиштето на туристичката агенција;
7) да склучува договори само со сообраќајни претпријатија чии превозни средства ги исполнуваат условите определени со пропис од областа на јавниот патен сообраќај;
8) да склучува договори и да презема други деловни активности само со угостителски правни субјекти кои поседуваат лиценца и категорија на објектот;
9) да чува како деловна тајна сѐ што знае за корисникот на услугите и неговото однесување и без негово одобрение, освен во законските пропишани услови на никого не смее да му ги даде адресата на корисникот на услуга, местото и времето на патувањето, престојот, уплатената цена, како и името на неговиот сопатник;
10) да се придржува кон утврдените услови во договорите кои ги воспоставува со корисниците на услуги и третото лице како давател на услуги;
11) за продажба на авиобилети туристичката агенција мора да има вработено лице со ИАТА-сертификат;
12) на видно место во туристичката агенција да ја истакне лиценцата или копија заверена од нотар;
13) да ги истакне цените на туристичките аранжмани и поединечни услуги;
14) за секоја продадена услуга или аранжман да издаде сметка од фискална каса, како и туристички ваучер за сместување и други услуги на корисникот на услугата и
15) при продажбата и реализацијата на услугите да се придржува на договорот и програмата за туристичкиот аранжман.
16) на видно место на влезот на туристичкиот објект да го истакне видот на платежните картички кои можат да се користат.
М.В.