Законски пречки за функционалност на дуалното образование
Стопанската комора на Македонија изминатиот месец одржа состаноци со речиси сите здруженија и со регионалните комори во рамките на Комората, на која се дебатираше за проблемот со недостигот од стручен кадар, но и воопшто од недостигот од работна сила.
Притоа, недостигот од стручен кадар, посебно на поединците со специфични знаења и вештини, беше истакнат како клучен проблем што се одразува на продуктивноста на компаниите, на нивните планови за иден развој и вложувања, што крајно се рефлектира на вкупната национална економија.
Ова го потврдува и последната од серијата анализи направена од Стопанската комора на Македонија, според која 63% од компаниите истакнуваат дека се соочуваат со недостиг од стручен кадар од сите занимања, а 62% од компаниите во предвидувањата што ги прават планираат да ги зголемат вработувањата за следните 12 месеци.
„Анализите покажуваат дека иако недостасуваат работници, а на пазарот се нуди работна сила, сепак нема поврзаност на потребите со понудата од аспект на вештините. Тоа значи дека дефицитот на вештини и неусогласеноста на вештините ја нарушуваат конкурентноста на економијата“, посочи на денешната прес-конференција м-р Наташа Јаневска од Стопанската комора на Македонија .
Од друга страна, вели Јаневска, Комората како важен економски партнер со своите капацитети, во соработка со образовните институции, работи на функционалност на дуалното образование како најсоодветно решение и можност за обезбедување стручен кадар според потребите на реалниот сектор и подготовка на учениците за работа во соодветна компанија. Од тој аспект, со својата стручност Комората и бизнис-секторот активно се вклучија во модернизирањето на образовните програми за стекнување на стручни знаења и практични вештини според потребите на компаниите.
Од оваа учебна година започнаа и најавените реформи, но сѐ уште се јавуваа одредени проблеми и не можат да заживеат во практиката, посебно реализацијата на практичната обука во компанија. Една од причините, покрај инвестициите во образованието за опремување на училиштата со лаборатории и опрема, е ограничувачката законска регулатива за која долго време се најавуваа измени во насока на олеснување и функционалност на дуалното образование.
Имајќи ја во предвид ваквата состојба, на оваа прес-конференција, намерата е да упатиме апел до министерството за образование и наука за донесување на измените во законот за стручно образование и обука или донесување нов закон и хармонизирање на истиот со останатите закони кои ја опфаќаа оваа проблематика, и тоа до крајот на оваа година, како значаен фактор кој треба да придонесе за успешно реализирање на реформските процеси кои се веќе започнати. Во оваа насока, Стопанската комора на Македонија апелира:
- најитно формирање и отпочнување со работа на работната група за подготовка на законот;
- вклучување претставник од Стопанската комора на Македонија како член на работната група за да дадеме свој придонес со свој капацитет и стручност од перспектива на бизнис-заедницата;
- хармонизација на законодавството во образовната политика и системско решавање на дуалното образование;
- точно прецизирање на одговорностите на институциите во воспоставување на дуалниот систем на образование и уписната политика.
Поддршка за хармонизирање на законската регулатива за дуалното образование даде и директорот на стручно училиште СУГС „Владо Тасески“ Скопје, Александар Сибиновски, кој истакна дека училиштето е единствен пример на образовна институција која ги има имплементирано сите облици на безбедност при работа за квалитетно изведување на практичната обука. Но сепак, тоа е само добар пример кој мора да се преточи во законско решение. Многу наши соседни земји зборуваат за системски решенија, а кај нас тоа се реализира и во пракса, истакна директорот Сибиновски.
Претставниците од компанијата „ЕВН“ Македонија, Маја Симоновска и Силвана Космач, кои директно се вклучени во имплементацијата на Проектот 20/20/20, за стекнување на квалификацијата електромонтер и реализирање на практичната обука на учениците во нивната компанија, посочија на спецификата на здравствените прегледи за квалификацијата електромонтер. Системското решавање на дуалното образование ќе значи задолжителни специфични здравствени прегледи, карактеристични за квалификацијата и секторот и селекција на кандидатите при уписот за стекнување определени квалификации.
Изнесените видувања укажуваат на фактот дека доколку сакаме функционално дуално образование, мора да ги отстраниме законските пречки за успешна реализација. Со отпочнатите реформи не смее да се експериментира, ако сакаме да им го олесниме работењето на компаниите и да имаме економски конкурентна држава.
М.В