/ Прочитано:

1.020

Законските измени што ќе ги заштитат граѓаните од плаќање прекумерни трошоци за кредити доставени во Собранието

Измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити се во собраниска процедура откако претходно беа усвоени на седница на Владата. Целта на Предлог-законот е да се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити. Донесувањето на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити, се вели во законското образложение, е со цел ограничување на годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити.

Со тоа, корисниците на кредити нема да плаќаат прекумерни трошоци и ќе се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на корисниците на кредит коишто имаат проблеми со неговата отплата.

Министерството за финансии во месец јули оваа година најави дека подготвува Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

Давателите на потрошувачки кредити, посочија од Министерството за финансии, на граѓаните им пресметуваат и им наплатуваат високи трошоци за одобрените потрошувачки кредити, особено за кредитите одобрени во мали износи и со кратки рокови на отплата.

„Со цел граѓаните да не плаќаат прекумерни трошоци за потрошувачките кредити и да се минимизира ризикот од понатамошно влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ќе се ограничи годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити“, истакнаа  од Министерството.

Со ограничувањето на надоместоците, односно на годишната стапка на вкупни трошоци, ќе се намалат трошоците што ги плаќаат граѓаните при користење на потрошувачки кредити. Намалувањето ќе биде најзначајно кај кредитите во кои се одобруваат мали износи,  со кратки рокови на отплата, т.н. „брзи кредити“.

„За да ги заштитиме граѓаните, а воедно и да го намалиме ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, ги направивме овие законски измени. Со нив се намалуваат и вкупните трошоци за кредитите. Со измена на законот сега вкупните трошоци на кредитот се лимитираат на 55%, или 5 пати по стапката на казнената камата од 11%. За споредба, претходно не постоеше лимит, така што давателите на кредити за мали износи и куси временски рокови наплаќаа двојно или тројно повисока сума на трошоци од главнината. На пример, за земен кредит од 12.000 денари на два-три месеци граѓаните требаше да вратат 36.000 денари“ – рече заменик-министерката за финансии, Ширет Елези,  на заедничката средба со претседателката на Организацијата за заштита на потрошувачите, Марјана Лончар, на која беа презентирани измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.

Граѓаните нема да плаќаат прекумерни трошоци за кредити – законските измени усвоени на владина седница

Се намалуваат високите трошоци за брзите кредити

Министерството за финансии за новините во повеќе закони кои се однесуваат на граѓаните и на фирмите

Измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити

М.В