/ Прочитано:

7.041

Законските измени за намалување на судските такси во собраниска процедура

Измените на Законот за судските такси влегоа во собраниска процедура. Донесувањето на законот, се посочува во законското образложение, има цел да овозможи полесен пристап до правдата за физичките лица.

„Донесувањето на Закон за изменување и дополнување на Законот за судските такси произлегува од потребата за обезбедување на услови за олеснување на пристап до правдата преку намалување на горниот праг на висината на судската такса за физички лица таксени обврзници при поднесување на тужба, противтужба и предлог за повторување на постапката пред суд.

Исто така измената која се предлага е согласно основната  намера на Владата на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија и е во духот на реформите во областа судство и негово натамошно унапредување.

Од наведените причини, се оцени дека е неопходно да се пристапи кон итна измена на одредбите од овој закон.

Текстот на Законот беше на мислење на надлежните институции“, се вели во законското образложение.

Донесувањето на Законот, се посочува во законското образложение, има фискални импликации врз Буџетот на Република Северна Македонија, односно ќе доведе до намалување на истиот.

Измени на Законот за судските такси претходно најавија од Министерството за правда. Со Законот за судските такси се уредува плаќањето на судските такси за дејствија пред судовите  и Таксената тарифа, која е составен дел на овој закон.

Инаку, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за судските такси содржи два члена.

Со членот 1 се врши  градација на висината на судската такса што ја плаќа таксениот обврзник за поднесување на тужба, противтужба и за предлог за повторување на постапката во зависност од тоа дали истиот е правно лице или физичко. Со овој Предлог-закон висината на таксата за физички лица се ограничува најмногу до 6000 денари, во зависност од вредноста на спорот наместо досегашните 48 000 денари. Предложената измена е во функција на олеснување на пристапот до правдата.

Со членот 2 се уредува влегувањето во сила на Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси.

Усвоени законски измени за намалување на судските такси

М.В