/ Прочитано:

2.116

Законските измени за намалување на трошоците за отплата на потрошувачките кредити на собраниска седница

На денешната 71. седница на Собранието на РМ на дневен ред се и измените на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити.  Меѓу другото, законските измени се однесуваат на потрошувачките кредити во износ помал од 200 евра во денарска противвредност, како и за одобрените кредити врз основа на депониран предмет кај кредиторот.

Така, според постојниот закон, овие кредити не влегуваат во категоријата на потрошувачки кредити, со што кредитокорисникот ја нема заштитата што ја предвидува овој закон. Имајќи предвид дека годишната стапка на вкупни трошоци не е ограничена, кредиторите пресметуваат високи надоместоци и провизии при одобрувањето на потрошувачките кредити.

„Ваквата состојба е особено изразена кај договорите за кредит на мали износи и со кратки рокови на враќање. На тој начин, голем број од кредитокорисниците имаат тешкотии при отплата на кредитот, при што најчесто се принудени да земат нов кредит за покривање на претходниот (т.н. спирално кредитирање). Од направената анализа на ограничувањето на годишната стапка на вкупни трошоци во земјите од ЕУ и регионот, се утврди дека повеќе земји (Полска, Финска, Велика Британија, Естонија, Хрватска, Бугарија и др.) имаат воведено горна граница на годишната стапка на вкупни трошоци. Имајќи го предвид искуството на дел од земјите во ЕУ, а во насока на намалување на ризикот од дополнително влошување на состојбата на лицата кои имаат проблеми со отплата на кредитите, предложените измени и дополнувања предвидуваат намалување на трошоците кои граѓаните ги плаќаат при одобрување и отплата на потрошувачките кредити“, посочуваат од Министерството за финансии.

„Со новите предлог-измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити од 2018 година, се опфаќаат кредитите со износ до 200 евра, кои досега беа исклучени од Законот. На тој начин, ако се одлучиме да користиме ваков вид на кредит, ќе имаме правна заштита. Исто така, со постојното законско решение не беше определена максималната висина на годишната стапка на вкупни трошоци на потрошувачките кредити, при што понекогаш надминуваше и 200% од вкупниот износ на  кредитот. Со новите законски предлог-измени максималната висина на годишната стапка на вкупни трошоци може да биде најмногу пет пати повисока од стапката на законска казнената камата во договорите во кои барем едното лице не е трговец (во моментов максималната СВТ би изнесувала 55%)“, посочуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

Законските измени за заштита на граѓаните од прекумерни трошоци за брзи кредити на комисиска расправа

Законските измени што ќе ги заштитат граѓаните од плаќање прекумерни трошоци за кредити доставени во Собранието

Граѓаните нема да плаќаат прекумерни трошоци за кредити – законските измени усвоени на владина седница

Се намалуваат високите трошоци за брзите кредити

Министерството за финансии за новините во повеќе закони кои се однесуваат на граѓаните и на фирмите

Измени на Законот за заштита на потрошувачите при договори за потрошувачки кредити

М.В