/ Прочитано:

836

Законските измени за цените во приватните болници во врска со лекувањето од ковид-19 пред пратениците  

Во собраниска процедура се измените на Законот за здравствена заштита. Со предложените решенија, се вели во законското образложение,  ќе се уреди начинот на вршење на здравствена дејност од страна на приватните здравствени установи при утврдено постоење на кризна состојба заради заштита на јавното здравје и прогласена епидемија или пандемија на заразна болест.

Воедно, се дава законско овластување на Владата да определува највисоки цени во висина на референтните цени утврдени од страна на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија за да се овозможи овие услуги да бидат подеднакво економски достапни за сите граѓани, со што ќе се заштити јавното здравје и економските интереси на сите граѓани.

„Бројот на новозаболени од ковид-19, заедно со бројот на пациенти кои треба да бидат хоспитализирани, неизбежно го наметнува прашањето за универзалното право на пристап до здравствена заштита. Притоа, во услови кога 85.000 македонски граѓани живеат со 40 денари дневно и речиси секој четврти преживува со не повеќе од 126 денари на ден, приватните здравствени услуги од повеќе илјади евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право.

Уставот на Република Северна Македонија на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита. Ова подразбира навремен и соодветен пристап на македонските граѓани до здравствена заштита со прифатлива цена и квалитет. Пристапот до соодветна здравствена заштита не може да зависи од социјалниот статус, односно имотната положба на граѓаните, што е јасно утврдено со одлуки на Уставниот суд. Впрочем, ниту самата тријажа никогаш не ги поставува овие околности како критериум за утврдување на приоритетот во однос на пристапот до здравствената заштита. Согласно Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права, државата е носител на обврската за заштита на правото на здравје. Дел од оваа обврска на државата е и обврската да обезбеди дека вршењето на здравствените услуги од приватни субјекти ‘нема да биде закана за достапноста, пристапноста, прифатливоста и квалитетот на здравствените установи, услуги и сервиси.’ Комитетот за економски, социјални и културни права е дециден дека: ‘здравствените установи, добра и услуги мора да можат сите да си ги допуштат.

Исплатата за здравствените услуги, како и за услугите поврзани со основните одредници на здравјето мора да се заснова на принципот на правичност, притоа обезбедувајќи дека таквите услуги, независно дали се јавни или приватни, можат да си ги допуштат сите, вклучително и социјално обесправените групи. За таквата правичност неопходно е посиромашните домаќинства да не бидат диспропорционално оптоварени со здравствени трошоци во споредба со побогатите домаќинства.’ Здравствената заштита е дејност од јавен интерес, независно дали се врши во јавни или приватни здравствени установи. Владата и Министерството за здравство се должни да обезбедат остварување на јавниот интерес и во кризна состојба во каква што во моментот се наоѓаме.

Пандемијата предизвика јавните здравствени установи да се преполнети со пациенти заболени од ковид-19 на кои им е потребно болничко лекување, а лекувањето во приватните болници со превисоко поставените цени од нивна страна претставува привилегија за малкумина.

Државата освен што има овластување да склучи договор со приватните болници преку Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија согласно членот 281-а од Законот за здравствената заштита, потребно е да постави и лимит за максимален износ на едно приватно лекување од ковид-19. Регулирањето на цените е неопходно за да не се доведеме во ситуација приватните здравствени установи да останат недостапни за огромно мнозинство од македонските граѓани. Во спротивно, приватниот интерес ќе надвладее над јавниот интерес.

Со неодамнешните измени и дополнувањата на Законот за заштита на населението од заразни болести, приватните болници го задржаа правото да лекуваат болни од ковид-19, со можност за давање на овие услуги во мрежата на здравствени установи и склучување договор со Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија. Така, овој закон, освен лекување во јавните здравствени установи, предвидува по медицински индикации, болните да можат да се лекуваат и да се изолираат и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. За да лекуваат пациенти од ковид-19, приватните здравствени установи треба да имаат согласност од Министерството за здравство, односно дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија. Во случај на исполнување на капацитетите за лекување на болни од ковид-19 во јавните здравствени установи, по претходно дадена согласност од Министерството за здравство, лекувањето на лицата може да се врши и во приватни здравствени установи кои имаат дозвола за вршење на дејноста за интензивна нега и терапија.

Поради ситуацијата во која се наоѓа државата како резултат на пандемијата, Владата и Министерството за здравство имаат законска обврска да преземат мерки со кои од една страна ќе обезбедат еднаков пристап до здравствена заштита, а од друга ќе ги искористат капацитетите на јавното и приватното здравство. Секое постапување спротивно на ова значи прекршување на позитивната обврска на државата во врска со правото на здравје на нејзините граѓани.

Поради сето ова, покрај можноста приватни болници кои склучиле договор со ФЗО да згрижуваат болни од ковид-19, Владата на Република Северна Македонија презеде иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи со цел во време на животозагрозувачка криза истите да бидат економски достапни“, се наведува во образложението.

Утврдени законските измени за цените во приватните болници во врска со лекувањето од ковид-19

Законските измени за цените во приватните болници на владина седница

М.В