/ Прочитано:

704

Законските измени за воведување Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“ во собраниска процедура

Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за oдликувања и признанија на Република Македонија е во собраниска процедура. Со измените се воведуваат две нови одликувања во Република Северна Македонија, и тоа Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“.

„Како и сите современи држави и Република Северна Македонија има востановено ордени и медали како знаци на државно признание за постигнати резултати во доменот на општествено-политичките, стопанските, научно-истражувачките работи, како и за особени заслуги во областа на социјалната и хуманитарната помош.Одликувањата и признанијата се доделуваат и за мирен и стабилен развој на Република Северна Македонија, за придонес во нејзиниот демократски развој, за особено постигнати резултати во работата, како и за особена лична храброст во одбраната на татковината.

Одликувањата и признанијата на Република Северна Македонија се доделуваат на поединци граѓани на Република Северна Македонија, на правни лица, државни органи, установи, владини и невладини организации, на единици, команди, штабови и установи на вооружените сили  на Република Северна Македонија, на единиците на полицијата на Министерството за внатрешни работи и на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија и на Министерството за внатрешни работи.

Законот за одликувања и признанија на Република Македонија е донесен  на 27 јуни 2002 годинаи објавен во „Службен весник на Република Македонија“ број 48/02. Согласно овој закон Република Македонија беа востановени пет ордени, две медалји и една Повелба на Република Македонија. Во 2012 година е извршено дополнување на Законот и се додадени уште три медали, а во 2016 година со уште еден орден. Во моментот, согласно Законот за одликувања и признанија во Република Македонија востановени се следните ордени :

  1. Орден на Република Македонја
  2. Орден „8 Септември“
  3. Орден „Илинден-1903 година“
  4. Орден за заслуги за Македонија
  5. Орден за воени заслуги
  6. Орден Света Мајка Тереза

Исто така, согласно Законот востановени се следните медали :

  1. Медал за заслуги за Македонија
  2. Медал за храброст
  3. Медал на честа
  4. Медал Вечно Сонце
  5. Медал за учество во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија

Согласно член 84 алинеја 9 од Уставот на Република Северна Македонија – Претседателот на Република Северна Македонија доделува одликувања и признанија во согласност со закон.

Поаѓајќи од оваа своја уставна надлежност, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, до Владата на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за воведување на две нови одликувања во Република Северна Македонија, и тоа Орден „Киро Глигоров“ и Орден „Борис Трајковски“.

Ордените ќе се доделуваат на граѓани и организации кои дале особен придонес за мирот и за развојот на мултикултурното општество.

Имајќи ја во предвид улогата што со својата работа и активност во исклучително тешки моменти, ја имале поранешните претседатели Киро Глигоров и Борис Трајковскисе предлага воведување на одликувања од највисок ред посветени на овие поранешни државници.

При тоа, поаѓајќи од улогата на поранешниот претседател Киро Глигоров во осамостојувањето и меѓународното признавање на државата и нејзиното мирно осамостојување, се предлага воведување на Орден „Киро Глигоров“, кој ќе се доделува на заслужни граѓани и организации кои дале придонес за мирот и безбедноста на државата.

Иницијативата за воведување на Орден „Борис Трајковски“, кој ќе се доделува на граѓани кои имаат личен придонес за развојот на мултикултурно и демократско општество, поаѓа од улогата и заложбите на поранешниот претседател Борис Трајковски за мултикултурните вредности и соживот во слободно и демократско општество на сите етнички и религиозни заедници“, се вели во законското образложение.

Се воведуваат два нови ордени „Киро Глигоров“ и „Борис Трајковски“

М.В