Законските измени за зголемување на данокот за имот кој не се користи ќе влезат во собраниска процедура
Владата го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за даноците на имот, по редовна постапка, со кој се предвидува усогласување на основниот текст на законот со позитивната законска регулатива во Република Северна Македонија со цел обезбедување прогресивно, праведно оданочување, а кој се предвидува да важи од 1 јануари 2022 година.
„Исто така, со Предлог-законот се предвидува позитивно влијание врз буџетот на единиците на локалната самоуправа бидејќи веќе пропишаните стапки се зголемуваат и се утврдуваат состојби во кои данокот на имот за другиот недвижен имот опишан во поимникот, кој е во сопственост на државата или на општините, општините во Градот Скопје и на Градот Скопје, како и во сопственост на физички и правни лица, а кој не се користи подолго од шест месеци во текот на една година, ќе се зголеми за три пати во однос на стапките пропишани со законот.
Со одредби од овој закон се пропишува и дека државата, општините, општините во Градот Скопје и Градот Скопје, како и физичките и правни лица кои нема да пријават дека одреден недвижен имот не го користат ќе платат данок кој ќе биде за пет пати повисок од пропишаниот“, соопштуваат од Владата.
М.В