/ Прочитано:

3.013

Законските надлежности на Врховниот суд

Врховниот суд на Република Македонија е највисок суд во Републиката и го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите, се пропишува во членот 101 од Уставот на Република Македонија.

Во Законот за судовите, се пропишува дека судската власт ја вршат основните судови, апелационите судови, Управниот суд, Вишиот управен суд и Врховниот суд на Република Македонија. Врховниот суд на Република Македонија ја врши судската власт на целата територија на Републиката.

Според Законот за судовите, Врховниот суд на Република Македонија е надлежен:

  • да решава во втор степен против одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон;  да решава во трет и последен степен по жалбите против одлуките на апелационите судови;  да решава по вонредни правни лекови против правосилните одлуки на судовите и одлуките на своите совети кога тоа е определено со закон;
  • да решава за судир на надлежност меѓу основните судови од подрачјето на различни апелациони судови, судир на надлежност меѓу апелациони судови, судир на надлежност меѓу Управниот суд и друг суд, судир на надлежност меѓу Вишиот управен суд и друг суд и да решава за пренесување на месна надлежност кај овие судови;
  • да одлучува по барање на странките и другите учесници во постапката за повреда на правото на судење во разумен рок, во постапка утврдена со закон пред судовите во Република Македонија во согласност со правилата и принципите утврдени со Европската конвенција за човекови права и основни слободи и тргнувајќи од судската пракса на Европскиот суд за човекови права, и  да врши други работи определени со закон.

Странката која смета дека надлежниот суд го повредил правото на судење во разумен рок, има право да поднесе барање за заштита на правото на судење во разумен рок до Врховниот суд на Република Македонија.

Врховниот суд на Република Македонија на општа седница:

  • утврдува начелни ставови и начелни правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единството со примената на законите од страна на судовите во рок од три месеци, но не подолго од шест месеци по сопствена иницијатива или по иницијатива на претседател на суд или по иницијатива на седниците на судиите или судските оддели од судовите или по иницијатива на адвокати и ги објавува на веб страницата на Врховниот суд на Република Македонија.
  • дава мислења по предлози на закони и други прописи кога со нив се уредуваат прашања од значење за работата на судовите,
  • разгледува прашања во врска со работата на судовите, примената на законите и судската практика,
  • донесува деловник за својата работа,
  • донесува програма за работа на судот,
  • поднесува предлог до Судскиот совет на Република Македонија за времено упатување на судија во друг суд,
  • поднесува барање за поведување на дисциплинска постапка против судија,
  • поднесува барање за поведување на постапка за утврдување на нестручно и несовесно вршење на судиска функција,
  • поднесува иницијатива за поведување на постапка пред Судскиот совет на Република Македонија за утврдување на трајно загубена способност за вршење судиска функција,
  • спроведува избор на членови на Советот за одлучување по жалба против одлука донесена од Судскиот совет на Република Македонија, согласно со закон,
  • решава по барања за заштита на законитоста против одлуките на своите совети,
  • одлучува по барање за изземање на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија,
  • го разгледува извештајот за својата работа и извештаите за работата на судовите во Република Македонија од аспект на ажурноста и квалитетот на работата, донесува заклучоци по нив одговорен е да го следи нивното спроведување и
  • врши и други работи утврдени со закон.

Начелните ставови и начелните правни мислења што ги утврдува Врховниот суд на Република Македонија на општа седница се задолжителни за сите совети на Врховниот суд на Република Македонија.

Утврдените начелни ставови и правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите Врховниот суд на Република Македонија задолжително ги објавува на веб страницата.

Врховниот суд на Република Македонија доставува Годишен извештај за својата работа, до Судскиот совет на Република Македонија најдоцна до крајот на февруари тековната година за претходната година.

М.В