ЗАКОНСКИТЕ НОРМИ МОРА ДА СЕ НЕДВОСМИСЛЕНИ: Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за Царинската управа

По иницијатива на Игорчо Точев од Кочани, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 2, точка 11 во делот „Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост“ од Законот за Царинската управа.

Според наводите во иницијативата, оспорениот дел од одредбата од член 2, точка 11 од Законот за Царинската управа пропишувал дека како царински прекршоци, покрај прекршоците пропишани со тој закон, Царинскиот закон и/или други закони со кои одредени прекршоци биле дадени во надлежност на Царинската управа, се утврдуваат и прекршоците пропишани со Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост.

Во иницијативата се цитира член 2, точка 11 од Законот за Царинската управа кој се компарира со одредбите на член 44, став 1 и член 45 од Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост, од аспект на тоа што Законот за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост престанал да важи сметано од 5.6.2015 година.

Оттука, се вели во иницијативата, произлегува дека оспорениот дел од одредбата од член 2, точка 11 од Законот за Царинска управа упатува на пропис кој веќе не е дел од правниот поредок, што е во спротивност со член 8, став 1, алинеја 3 и член 51, став 1 од Уставот на Република Македонија. Од тие причини, се нагласува во иницијативата, овие одредби треба да бидат укинати.

Оспорената одредба од Законот, образложуваат од Уставниот суд, е поместена во делот Општи одредби и дефиниции каде што е утврдено дека царински прекршоци се прекршоци утврдени со овој закон, Царинскиот закон, Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, Законот за акцизите и/или други закони со кои одредени прекршоци се дадени во надлежност на Царинската управа.

„Поради наведеното, Судот оцени дека со ваквата формулација постојат уставни противречности и не се работи само за одделниот поим употребен во овој закон, туку и за нејаснотија и конфузност која следува од нејасната одредба.

Од цитираната содржина на член 2, точка 11 произлегува дека тој се повикува на закон кој веќе не е во правниот поредок, на што се укажува и во поднесената иницијатива. Со оглед на тоа што оспорениот член 2, точка 11 содржи повикување на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост, кој веќе не е во правниот поредок, Судот оцени дека постојат основи за доведување под сомневање на согласноста на оспорената одредба од член 2, точка 11, со принципот на владеењето на правото утврден во член 8, став 1, алинеја 3 од Уставот“, посочуваат од Уставниот суд.

Од Уставниот суд додаваат и дека во правниот поредок мора да егзистираат само јасни, прецизни и недвосмислени норми. Во случај кога тие во себе содржат некакво повикување, упатување на друга норма, таа неминовно мора да е дел од правниот поредок за таквото уредување да претставува една логична, правно-функционална целина.

Создадената норма, нагласуваат од Уставниот суд, не треба да биде лесно разбирлива само за оној што ја креирал, туку и за оние што ја применуваат и оние на кои се однесува, а во овој случај тоа се царинските прекршоци предвидени во Законот за Царинската управа.

M.В