Законските новини и најдобрите практики за јавните набавки во фокусот на обуката организирана од Академик

Четврток, 1 октомври 2015 – Aкадемик одржa обука на тема „Најдобрите и најлошите практики, искуства и примери од тримесечната примена на измените во Законот за јавни набавки (Сл.весник бр.78/15) во врска со добивањето на согласности од Советот за јавни набавки“.

На обуката се разгледаа најдобрите практики при планирањето и подготовките за распишување и спроведување на постапките за јавни набавки кај договорните органи, како  и на одредниците – како треба и како не треба да постапуваат договорните органи во постапката за добивање на согласности од Советот за јавни набавки поврзани со техничките спецификации и утврдување способности.

Особен фокус на интерес на обуката беа и новите измени на Законот за јавните набавки, а во врска со издвојувањето на Советот за јавни набавки како самостоен државен орган под директна надлежност на Владата на Република Македонија.

Предавачот на обуката, д-р Златко Алексов, кој е член на Советот за јавни набавки, истакна дека новите законски решенија ќе резултираат со осамостојување на Советот за јавни набавки како самостоен државен орган, а со цел, олеснување на логистичкото функционирање на Советот.

„Предложените измени и дополнувања на Законот за јавните набавки првенствено се со неколку основни цели, а тоа се издвојување на Советот за јавни набавки како самостоен државен орган под директна надлежност на Владата на Република Македонија, воведување наобука на стручните лица кои се запишани во Регистарот на стручни лица, како и воведување на одредени олеснувања во примената на законот за договорните органи“, подвлече Алексов.

На обуката беа образложени и очекуваните ефекти од најновите предложени измени и дополнувања на Законот за јавни набавки и во таа насока обуката се заокружи со интерактивна дебата и презентација на практични примери.

Учесниците на обуката посочуваат дека за нив од големо значење е што можеле непосредно да добијат образложение на бараните одговори, но и да разменат мислења со своите колеги во врска со примената на законските решенија низ практиката.

„Многу е корисно тоа што се добива директен одговор на прашањата и што предавач е човек кој е упатен во проблематиката. Тој ги сподели своите познавања за областа со нас и веруваме дека понесуваме искуство кое ќе го примениме соодветно во нашето работење“.

„Нашите очекувања се исполнија. Имаше мношне интересно и корисно предавање. Посебно беше корисно да се слушнат образложенијата за законските новини и какви се очекувањата за нивната примена“.

„Најголем впачаток ми остави интерактивната дебата. Прашањата и одговорите и различните аспекти и согледувања и како правилно да се постапи“.

„На обукава се збореше за работи кои нас ни значат многу. Обуката помина добро, предавачот беше добар и добро е тоа што доаѓа од Советот за јавни набавки. Исто така, самата организација беше одлична“.