/ Прочитано:

14.508

Законските новини за пензиското и инвалидското осигурување кои се во собраниска процедура

Владата на РМ ги поднесе измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување и на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување во Собранието на РМ.

„Со предлог-измените се врши промена на критериумот за распределба во задолжителниот II столб со воведување на јасен критериум за членство во II столб – датум на раѓање. Со измените се предлага овој критериум на прво вработување да се замени со година на раѓање (ЕМБГ), односно сите лица кои се родени по 1 јануари 1967 и се помлади од 40 години должни да се зачленат во втор пензиски столб. Со ваквиот критериум се исклучуваат од членство во втор пензиски столб лицата кои се постари од 40 години. Пресекот за членство врз основа на возраст е направен бидејќи вториот столб функционира по принципот на капитализација на средствата од придонес, за што потребно е подолг рок на инвестирање на средствата заради нивно оплодување и за обезбедување на достоинствена пензија и пензија која нема да биде помала споредбено со пензијата која членот би ја добил како осигуреник само од прв пензиски столб. За повозрасната категорија на осигуреници е пократок работниот век и со тоа и пократок е рокот за инвестирање и оплодување на средствата. Од членството во вториот столб се исклучуваат осигурениците кои се со стаж на осигурување со зголемено траење поради краткиот период на осигурување и раното пензионирање. Постојните заменски стапки за пресметка на пензија не кореспондираат со учеството на придонесот кој го плаќа осигуреникот. Постојните заменски стапки не се праведни и се на штета на членовите во вториот столб. Се врши зголемување на заменските стапки за членови на двостолбниот пензиски систем. Едновремено се врши прилагодување на заменските стапки за членовите во првиот столб. Со предложените измени и дополнувања се предлага пензиите да се усогласуваат два пати годишно на 1 јануари и 1 јули секоја година според пораст на трошоците на живот, а доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4% ќе може да се изврши и дополнително усогласување“, се наведува во законското образложение за измените на пензиското и инвалидско осигурување.

„Цел на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување е воведување на нов критериум за зачленување во задолжителни пензиски фондови од втор столб, односно критериумот на прво вработување се заменува со возраста на осигуреникот. Со ова се очекува грешките при зачленувањето на осигурениците да се сведат на минимум и да нема неусогласености во евиденциите во системот во врска со членството во втор столб. Исто така, со предлогот се предвидува членовите во вториот столб да бидат осигуреници кои се помлади од 40 години возраст, со што се прецизира возраста на членовите за кои е поповолно членството во втор столб, поради претпоставка за подолг работен век за оваа категорија на лица и со тоа подолг рок на инвестирање и оплодување на средствата. Исто така, се избегнува појавата на случаи на неповолно членство за членови поради нивната возраст, а со тоа и ниски пензии од вториот столб споредбено со пензиите од прв столб. Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување се заснова на истите начела на кои е заснован и Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување“, се посочува во законското образложение за измените на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Објаснување на содржината на измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување

„Со членот 1 се додава нова категорија на лица, практиканти, кои се опфатени со задолжително пензиско и инвалидско осигурување врз основа на инвалидност и телесно оштетување причинети со повреда на работа или професионална болест осигурени.

Со членот 2 се врши зголемување на заменските стапки за определување на пензијата за осигуреници кои се членови на двостолбниот пензиски систем. Имено, заменските стапки во корелација со годините на работен стаж и износот на платите на осигуреникот се клучни варијабли во определување на висината на пензијата. Заменските стапки треба да ја одразуваат тенденцијата на пензиската теорија и пракса на поврзување на пензиските приливи (придонеси) со пензиските расходи (висината на пензијата), како во систем на тековно финансирање и генерациска солидарност така и во капиталното финансирано пензиско осигурување.

Во повеќестолбниот пензиски систем, пензискиот придонес е намален од 21,2% на 18%, но распределбата на овој придонес ја следи тенденцијата на 2/3 во првиот столб и 1/3 во вториот столб. Поради намалувањето на овој параметар за пресметка на пензијата неопходно е прилагодување на заменските стапки пред се во делот на комбинираната пензија (пензија која се остварува од првиот столб)  како и прилагодување на заменските стапки за осигурениците кои се само во првиот столб.  Ова се врши и со цел елиминирање на разликата во двата вида пензија од аспект на еднаквост на осигурениците.

Со членот 2 се предлага зголемување на заменските стапки за членови во вториот столб за 1/3 или за 33%, односно од 0,86% (жена) за секоја година стаж на осигурување на 1,14% и од 0,75% (маж) на 1%. За членовите во првиот столб се врши прилагодување на заменските стапки за секоја година пензиски стаж навршен по 1 јануари 2019 година во висина на 1,54% а за секоја година стаж на осигурување навршен по 1 јануари 2020 година на 1,47% што е опфатено со членот 15 од предложените измени и дополнувања.

Со членот 3 се пропишува дека усогласувањето на пензиите ќе се врши два пати годишно од 1 јануари и 1 јули секоја година според процентот на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие во однос на полугодието кое му претходи објавени од Државниот завод за статистика.  Во случај кога порастот на трошоците на живот се со негативен предзнак, не се врши усогласување на старосната пензија. Исто така се предлага дополнително усогласување доколку бруто домашниот производ во претходната година има реален пораст повеќе од 4%.

Со членовите 4 и 5 се врши техничко усогласување со членот 7 од предлог измените и дополнувањата.

Со членот 6 се врши дополнување на Главата VII со додавање на категорија на осигуреници вработени во Оперативно техничка агенција и Агенцијата за разузнавање. Имено, како и за осигуреници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана, АРМ и вработени во казнено поправни установи и за овластените службени лица во овие две агенции се воведува бенефициран стаж и можност за остварување право на пензија под посебни услови.

Со членот 7 се предвидува нов критериум за членство во задолжително пензиско осигурување. Задолжително се зачленуваат во втор пензиски столб сите осигуреници кои се родени по 1 јануари 1967 година и се помлади од 40 години на денот на нивното пристапување во задолжителното пензиско и инвалидско осигурување.

Со членот 8 се предлага на осигурениците кои доброволно склучиле договор за пристапување во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување да продолжат со членство во вториот пензиски столб. Истовремено со одредбите на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување  на доброволните членови им се остава рок до 30 септември 2019 година да си го потврдат членството во задолжителен пензиски фонд со потпишување на нов договор за членство.

Со членот 9 се предлага да се избрише одредбата со која се дефинира постоење на Одделение за  ревизија на решенија со кои се утврдуваат права од пензиското и инвалидското осигурување во Стручната служба на Фондот. Ова од причина што со постојното одделение за внатрешна ревизија и зајакнување на капацитетите на истото се постигнува целта на ревизија и во правата од пензиско и инвалидско осигурување

Со предлог измените и дополнувањата на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување се предлага Фондот на ПИОМ да наплатува надоместок за функциите кои ги извршува за потребите на задолжително капитално финансирано пензиско осигурување. Надоместокот се предлага да биде на товар на друштвата и истиот ќе се наплатува месечно во износ не повеќе од 0,1 % од секој уплатен придонес во претходниот месец во пензиските фондови со кои управуваат друштвата. Со членовите 10 и 14 од овие законски измени и дополнувања се врши допрецизирања на начинот на користење на средствата добиени по основ на овој надоместок.

Со  членот 11 се уредува начинот на утврдување на бруто-платата на  директорот и заменик-директорот.

Во Конечниот извештај на Овластениот државен ревизор за извршената ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност за 2017 година на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување на Македонија дадена е препорака за соодветно регулирање на статусот на вработените во Фондот на ПИОМ, кои согласно член 164 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се административни службеници како и неопходноста за распоредување на административните службеници соодветно на актите за систематизација и определување на платата.

Постапувајќи по препораката со членот 13 вработените во Фондот се класифицираат во категории и нивоа, се дефинира определувањето на платата на вработените и други права што е во согласност со Законот за административни службеници. Со членот 12 се врши усогласување со Законот за вработени во јавен сектор во однос на согласноста на годишниот план за вработување.

Со членот 16 се пропишува рокот за донесување на подзаконските акти, а со член 17 се определува датумот на примена на предложените измени и дополнувања.“

ЗАКОНСКИ ИЗМЕНИ: Придонесите за задолжително пензиско, инвалидско и здравствено осигурување ќе се плаќаат по повисоки стапки

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

М.В