/ Прочитано:

1.766

Законските обврски и глоби за управување со возило во зимски услови и поседување зимска опрема

Од денеска (15 ноември) започнува да важи обврската за задолжително поседување зимска опрема во возилата, која ќе трае сѐ до 15 март 2019 година. Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата со потсетување за законските одредби за управување со возило во зимски услови, кои возачите треба да ги почитуваат.

Иако временските услови сѐ уште се стабилни, сепак во наредниот период се очекуваат температури под нулата, особено во раните утрински и доцните вечерни часови. Појавата на голомразица на одредени осојни места, мостови, подвозници или надвозници е речиси извесна, а исто така сѐ почеста ќе биде и појавата на замрзнати коловози.

Со цел безбедно патување и безбедно пристигнување на саканата дестинација, РСБСП со потсетување за законските обврски кои треба да ги почитуваат возачите. Имено, во согласност со членот 361 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, моторните возила и мобилните машини кога учествуваат во сообраќај на пат, во периодот од 15 ноември до 15 март, задолжително треба да поседуваат пропишана зимска опрема. На секој возач кој постапува спротивно на одредбите од овој член од Законот ќе му биде издаден платен налог со глоба во износ од 45 евра во денарска противвредност, односно ќе му се регистрираат 25 негативни бодови.

Според истиот член од ЗБСП, полициски службеник ќе нареди на возач да го прекине натамошното движење на возилото, ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба зимска опрема. Исто така, полициски службеник може да нареди на возач да го прекине натамошното движење и тогаш кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно полицискиот службеник може да му нареди на возач задолжително да ја постави зимската опрема на возилото.

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до возачите да направат зимска проверка и подготовка на своето возило, навремено да ја обезбедат потребната зимска опрема, секогаш да ја носат во своето возило и правилно да ја користат бидејќи само на тој начин ќе се овозможат услови за безбедно управување со возилото во зимски услови и безбедно пристигнување на посакуваната дестинација.

Под зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која не надминува 3.500 кг се подразбираат: зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од четири милиметри (4 мм) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази минимум од четири милиметри (4 мм) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала.

Зимска опрема за моторни возила со погон на четири тркала (4 х 4) подразбира зимски пневматици на сите тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази од шест милиметри (6 мм) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази од најмалку четири милиметри (4 мм). Синџири за снег потребно е да поседува секое возило со пневматици со летен профил и притоа во случај кога возилото е во постојан погон, синџири за снег треба да има најмалку за задната осовина, а во случај на преклоплив погон, синџири за снег треба да има најмалку на постојано вклучената осовина.

Зимска опрема за моторни возила со најголема дозволена маса која надминува 3.500 кг подразбира: зимски пневматици на погонските тркала со минимална длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина од шест милиметри (6 мм) или пневматици со летен профил на сите тркала со длабочина на шарите на слојот што гази, по обем и широчина, со минимум од четири милиметри (4 мм) и синџири за снег со адекватна големина за погонските тркала или други соодветни помагала;

Автобуси и товарни моторни возила кои поради технички причини не можат да постават синџири за снег на погонските тркала, потребно е да имаат зимски пневматици на погонските тркала и прирачен алат – лопата.

Зимски пневматици се оние пневматици кои на својата бочна страна имаат ознака:  „MS“, „M+S“, „M&S“ и знак на снегулка на стилизирана планина со три врва.

Од Републичкиот совет апелираат до возачите да бидат одговорни и да ја почитуваат  законската обврска за поседување соодветна зимска опрема.

М.В