Законските одредби за раководењето на министерствата и за работата на Министерството за финансии
Во Уставот се пропишува дека Владата на Република Северна Македонија е носител на извршната власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.
Владата ја сочинуваат претседател и министри. Претседателот и министрите не можат да бидат пратеници во Собранието. Функцијата претседател на Владата и министер е неспојлива со вршење на други јавни функции или професии.
Организацијата и начинот на работата на Владата се уредува со закон. Во таа насока, во Законот за организација и работа на органите на државната управа се пропишува дека со работата на министерството раководи министер.
Собранието на Република Македонија именува и разрешува заменик на министерот на соодветното министерство на предлог на претседателот на Владата на Република Македонија.
Заменикот го заменува министерот во случај кога тој е отсутен или кога поради болест и други причини не е во можност да ја врши својата функција, со сите негови овластувања и одговорности во раководењето.
Заменикот во соработка со министерот врши работи од надлежност на министерот што тој ќе му ги довери.
„Министерот го претставува министерството, организира и обезбедува законито и ефикасно вршење на работите и задачите; донесува прописи и други акти за кои е овластен и презема други мерки од надлежност на министерството во согласност со закон; одлучува за правата, должностите и одговорностите на државните службеници и други лица вработени во министерството кои немаат статус на државни службеници, доколку со закон поинаку не е определено“, се пропишува во законот.
Министерството за финансии, се пропишува во истиот закон, ги врши работите што се однесуваат на: системот на финансирање; трезорскиот систем; царинскиот систем; даночниот систем и даночната политика; системот на девизното работење; системот на банките и штедилниците и други финансиски институции и системот на сметководството, ревизијата и платниот промет.
Исто така, Министерството ги врши работите кои се однесуваат на: заемите и кредитите; макроекономската политика и политиката за развој на националната економија; подготвувањето проекција на платниот биланс; подготвувањето и следењето на макроекономските биланси; осигурувањето на имот и лица; игрите на среќа; изготвувањето и извршувањето на Буџетот на Република Македонија и на завршната сметка на Буџетот на Република Македонија; сопственоста и други имотно-правни односи; стоковните резерви; надзорот од негова надлежност и врши други работи утврдени со закон.
Во состав на Министерството за финансии се: Управата за имотно-правни работи; Царинската управа; Државниот девизен инспекторат; Бирото за јавни набавки, Управата за спречување на перење пари финансирање на тероризмот; Управата за финансиска полиција; Управата за јавни приходи и Бирото за стоковни резерви.
Управата за јавни приходи, Царинската управа и Бирото за стоковни резерви имаат својство на правно лице.
М.В