/ Прочитано:

893

Законското регулирање на менторството на работното место – клучно за професионалниот развој во компаниите

Законското регулирање на менторството на работното место, потребата од изготвување на стандард кој воедно ќе биде и водич при имплементација на менторската врска, како и потребата од дополнителна стандардизирана обука за менторите и менторираните се детектираните клучни предизвици за успешна реализација и примена на менторството во нашата земја, кое е од голема важност за професионалниот развој на човечките ресурси во компаниите, беше истакнато на денешната прес-конференција во Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК). За таа цел  извршниот директор на Сојузот, Александар Зарков, и претседателот на Македонската мрежа на ментори, Славица Николовска, потпишаа меморандум за соработка.

Зарков истакна дека главната улога на менторството е преку развивање на менторска програма да се пренесат знаења, експертиза и искуство, а со нејзино реализирање да се овозможи професионален развој на менторираниот.

„Во развиените земји, особено во САД, менторството претставува дел од корпоративната култура. Во нашата земја менторството се спроведува во администрацијата и академијата, додека компаниите се соочуваат со предизвици за негова имплементација, пред сè, поради нерегулираниот однос кон менторот во одредена компанија. Во досегашните обиди за имплементација на менторството во стопанството, компаниите се соочуваат со недостиг од правна заштита и утврдување на законска рамка на поимот ментор и неговата улога во компанијата. Компаниите сметаат дека терминот ментор треба да се регулира законски бидејќи при инспекциски надзор се доведуваат во ситуација за утврдување неправилности токму поради нерегулираниот статус на менторот“, изјави Зарков и додаде дека ова е од исклучителна важност за развој на човечките ресурси во компаниите, особено во денешни услови на одлив на квалитетен човечки капитал.

Николовска истакна дека веќе седум години Македонската мрежа на ментори се залага за подобрување на економското опкружување преку поддршка на претприемачите и малите и средните претпријатија преку менторство, едукација и настани за вмрежување.

„Голем број сопственици на компании или менаџери на институции при реализација на својата менторска улога имаат можност да го поканат менторираниот во својата компанија за да може одблизу да ја види работата на менаџерот/сопственикот. Многу често ваквиот тип на едукација доведува и до понуда за вработување. Но, во сегашниот Закон за работни односи како форми на советување и учење се издвоени практикантството, стажирањето и волонтирањето, а овој вид неформална едукација во компанија не е препознаена и би можела да создаде проблем доколку менторираниот е затекнат во компанијата од страна на Трудовата инспекција, при што и компанијата и менторираниот би се соочиле со парична казна“, истакна Николовска и додаде дека досега оваа менторска релација е уредена само со т.н. џентлменски договор потпишан од двете страни, во кој се истакнати само основите на менторската врска, но и вака уреденото менторство не го мотивира менторот – компанијата да го преземат ризикот.

На настанот јасно беше истакната потребата од отворање дијалог со бизнис-секторот заради систематизирање на менторскиот пристап и заради  изготвување на стандард кој воедно ќе биде и водич при имплементација на менторската врска.

М.В