/ Прочитано:

3.028

Заложби за родова еднаквост во спортот

Заложба за родова еднаквост во спортот и поголема вклученост на жената во менаџирањето на федерациите и другите спортски асоцијации, ова е заклучокот од средбата меѓу директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски и претседателката на невладината организација ТАКТ, Силвија Митевска.

На работната средба се договори соработка меѓу АМС и ТАКТ, насочена кон дополнително вклучување на жените во спортот. Каевски потенцираше дека во Советот на спортот ќе бидат застапени и жените, преку искусни и успешни спортистки. Македонија се гордее со голем број врвни ракометарки, пливачки, жени – спортски работници.

Од претставниците на ТАКТ беа презентирани и претстојните активности. Се подготвува кампања за зголемување на интересот за спорт кај најмладите, ученичките од основните и средните училишта, а Агенцијата за млади и спорт ќе биде партнер на проектот, со своја поддршка и вклученост.

Невладината организација ТАКТ Скопје, која се залага за промоција и унапредување на родовата еднаквост во спортот, активно работи на креирање политики за надминување на родовите стереотипи во спортот.

Оваа година невладината организација ТАКТ, Скопје, со поддршка од UN Women, ја организираше првата национална конференција „Жени во спортот“. На оваа конференција се разговараше за предизвиците и родовите стереотипи со кои се соочуваат македонските спортистки и за родовата (не)еднаквост во спортот. Освен идентификација на предизвиците, се дискутираше и за креирање на национални стратегии за зголемување на бројот на жените во спортот и во спортскиот сектор.

Во Законот за еднакви можности на жените и мажите се дефинара дека еднаквите можности на жените и мажите е промовирање на начелото за воведување еднакво учество на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварувањето на сите права и во развојот на нивните индивидуални потенцијали преку кои тие придонесуваат во општествениот развој, како и еднакви придобивки од резултатите произлезени од тој развој.

Субјекти кои ги воспоставуваат еднаквите можности и еднаквиот третман на жените и мажите се органите на законодавната, извршната и судската власт, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации во јавниот и приватниот сектор, јавни претпријатија, политички партии, средствата за јавно информирање и граѓанскиот сектор и сите лица кои обезбедуваат стоки и услуги кои се достапни за јавноста и кои се нудат надвор од подрачјето на приватниот и семејниот живот и трансакциите што се вршат во тој контекст без разлика дали односното лице припаѓа на јавниот или приватниот сектор.

М.В