/ Прочитано:

938

Заложби за системски и трајни решенија за интеграција на Ромите

Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите во Република Северна Македонија одржа работен состанок на барање на Неформалната мрежа на ромските граѓански организации.

На работниот состанок, покрај координаторот на Интерпартиската парламентарна група, Самка Ибраимоски, присуствуваа и пратеници членови на Групата, заинтересирани пратеници, претставници на 12 ромски граѓански организации, како и претставник на Мисијата на ОБСЕ.

На состанокот се водеше конструктивна дискусија за проблемот со лицата без лична идентификација, за легализација на населбите со доминантно ромско население, за учество на член Ром во Комисијата за заштита од дискриминација и за проблемот со вработување на Ромите во државната и јавната администрација.

Средбата имаше цел запознавање и разговор за правната рамка за унапредување и заштита на правата на Ромите, за степенот на реализација на правата, за можностите за подобрување на состојбите, како и за идно изготвување на измени и дополнувања на различни закони.

Пратениците изразија безрезервна и силна поддршка на работата на ромските граѓански организации, кои искрено се залагаат за системски и трајни решенија за интеграција на Ромите во Република Северна Македонија и укажаа дека Ромите не треба да бидат маргинализирани и треба да ги уживаат своите права загарантирани со Уставот.

Координаторот на Групата, Самка Ибраимоски, даде преглед на досегашната работа, како и предлози и препораки за подобрување на работата на ромските граѓански организации, особено преку подигнување на јавната свест за прашања од меѓуетничка природа.

На средбата се отворија бројни прашања кои се појавија изминатите години, но се дадоа и одговори на повеќе дилеми. Исто така, се идентификуваа проблемите и беа дадени законодавни и институционални препораки.

Врз основа на расправата, Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите ќе донесе соодветни заклучоци и препораки, кои ќе ги достави до релевантните страни.