/ Прочитано:

1.932

ЗАМ престанува да важи следната недела

Четврток, 6 јуни 2013 – Следната недела, 13.06.2013, влегува во сила Законот за престанување на важење на Законот за адвокатските маркички. 

Co Законот за адвокатски маркички на почетокот на оваа година година се воведе на адвокатската маркичка како инструмент за аконтативно плаќање на персоналниот данок на доход на адвокатите поединци во случаите кога наградата за дадената правна помош се наплатува во готово и гласи на минималните износи утврдени со Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите.

„Владата на Република Македонија ги следи состојбите во економијата и барањата на различните категории на даночни обврзници, со цел да се воспостават еднакви услови на пазарот и функционален систем за практична примена на даночната постапка. Во оваа насока, тргнувајќи од барањата на Адвокатската комора и адвокатите заради решавање на проблемите со кои се соочуваат во текот на нивното работење кои произлегуваат од примената на одредбите на Законот за адвокатски маркички и консензусот на членовите на Комората за пристапување кон фискализација на адвокатите и адвокатските друштва, се оцени потребата од престанување на важноста на овој закон.  Овој закон се предлага во насока на изнаоѓање решенија што се најпрагматични, најсоодветни за соодветната фела, а од друга страна сепак да се заштити даночниот систем и плаќањето на даноците да не биде доведено во прашање, односно следењето на плаќањето на даноците особено кога станува збор за готовинските плаќања да се врши преку фискализација и фискални апарати“, стои во материјалот кој претходно стигна во Собранието.

На укинувањето на Законот за адвокатски маркички му претходеа бројни дебати меѓу адвокатите. Законот кој на 1 јануари годинава влезе во примена, ги разбранува емоциите во адвокатската фела. Ситуацијата кулминираше со смена на раководството во АКРМ. 

>> Законот за престанување на важење на Законот за адвокатските маркички е објавен на akademika.com.mk