ЗАПОЧНА ЧЕТВРТАТА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ВО ОРГАНИЗАЦИЈА НА АКАДЕМИК „Управување со правни ризици: правни трендови“
Денеска во хотелот „Александар палас“ во Скопје започна Меѓународната правна конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“ – најголемиот правен настан во регионот. На настанот, кој се организира по четврти пат, во присуство на бројни учесници од земјата и од странство, за правните ризици како тренд кој ќе ја одбележи претстојната декада ќе говорат најреномираните светски адвокати и правници.
„Правниците не го практикуваат правото изолирано, туку во поширок економски, социјален, политички контекст. Од тие причини е проширена и темата на Конференцијата и за неа ќе говорат адвокати, консултанти, професори и доктор хирург, кој воедно е и супер претприемач“, истакна во својот воведен говор угледниот македонски адвокат Георги Димитров.
Традиционално, во трите години постоење, Конференцијата ги собира лидерите во правниот свет кои се занимаваат со темата на управувањето со правните ризици.
Оваа година на Конференцијата акцентот ќе биде ставен на правните трендови, со што учесниците ќе бидат запознаени со најновите и најдобрите правни практики во сферата на правниот дизајн, со алтернативните правни практики кај адвокатските компании, со новините во користењето на правните услуги, со усогласеноста со законите и со етичките норми, со придобивките што ги има компанијата од работата на својот главен правен застапник, со управувањето со таленти и со регионалните правни достигнувања.
Исто така, пред бројниот аудиториум на Меѓународната конференција ќе бидат презентирани најдобрите практики во правниот свет кои помагаат да се предвидат и да се избегнат грешките, да се управуваат ризиците при донесувањето на одлуките и при склучувањето на договорите, како при водењето на судските спорови.